Ковачевски: Власта со години ветува изградба на топлификација во Битола

Цели 11 години власта на ВМРО-ДПМНЕ и Градоначалникот Владимир Талески ги лажат граѓаните на Битола. Потрошија повеќе од 200 милиони евра општински буџети, и повеќе од 30 милијарди евра централни буџети, а Битола ја оставија на маргините, последна станица. Предизборно ветуваа топлификација на градот Битола во 2011, 2013, 2014 и на последните избори во 2016 година, изјави денеска Васко Ковачевски, пратеник и претседател на СДСМ Битола.

– Овде каде што сме денес, на Булеварот 1 Мај, закопани се цевки во вредност од 80.000 евра. И толку, од топлификацијата…Ништо!!!
Во РЕК Битола за физибилити, за проектни документации, за адаптација на котлите и сл. потрошени се неколку милиони евра, а топлификацијата не ниту на повидок. Не само што лажат, него и топлификацијата која функционираше до пред неколку години и загреваше неколку илјади семејства во нова Битола, ја затворија!

Во недостиг на колективно загревање во Битола, граѓаните се принудени за загревање да користат огревно дрво и разни отпадни материјали, со што загадувањето на воздухот ја надминува дозволената граница и до дваесет пати. Битола во овие неколку години е еден од најзагадените градови во Европа и светот. Токму затоа, граѓаните на Битола на овие избори гласаа за промени исто како што ќе изберат промени и на следните локални избори.

Новата локална власт предводена од СДСМ ќе се грижи за сите граѓани, а еден од главените приоритети ќе биде решавање на проблемот со греење. Ние ќе овозможиме Битола да има топлификација и ќе биде гасифицирана. Овој проект ќе овозможи помали трошоци за греење, повеќе пари за граѓаните како и почист воздух за дишење. Домаќинствата во градската средина за затоплување ќе имаат заштеда и до 30 проценти. Гасификацијата на училиштата и административните објекти ќе ги намали сметките за греење и до 60 отсто, а исто така значителен бенефит ќе има и индустрискиот сектор. Граѓаните на Битола заслужуваат повеќе и подобро – рече Ковачевски.

Најнови вести

Најново од Економија, Ударни вести

Најчитани вести