Кривична пријава за газдите кои ќе си ги побараат парите назад од работниците за исплатениот К-15. Против ваквото изигрување на законот претседателот за ССМ Живко Митревски вели дека подршка ќе бара и од Управата за јавни приходи.
Ако се потврди дека работодавачот ги принудувал вработените да ги вратат парите исплатени за К-15 ќе заработи кривична пријава, а доколку воопшто не ги исплатил следува тужба.
Од вкупно 71.290 регистрирани компании во земјава за 74 фирми се поднесени претставки за непочитување на законот за исплата на регресот на годишен одмор. Најголемиот дел од прекршителите се од текстилната индустрија.
„ССМ ги достави претставките до државниот инспекторат со кого се договориме да имаме засилени контроли во компаниите. Се надеваме дека во заедничка активност со Министерството за труд и социјална политика ќе успееме да дојдеме до 100-процентна исплата на регресот на годишен одмор. Во 90 проценти е почитувана законската обврска“, изјави претседателот на ССМ, Живко Митревски.
Законот предвидува од 3.000 до 4.000 илјади евра парична казна за работодавачите кои до 31 јануари не исплатиле регрес на своите вработени. Казната предвидува глоба од 2.000 до 3.000евра да плати приватното лице додека парична глоба во висина од 500 до 1.000 евра ќе плати одговорното лице кај работодавачот.
Анализите на ССМ покажале дека работниците имаат проблеми во однос на користењето годишни одмори, до економско- социјалниот совет ќе предложат вториот дел од одморот да се користи во неколку делови.
Економската криза изминува, сметаат во ССМ. А тоа создава услови за воспоставување постабилен работен однос во земјава. Крајна цел на Синдикатот е во иднина работниот однос во државата да биде претежно на неопределено време.


