Лавров: Постојат прашања што треба да се решат пред да се организира состанокот Зеленски-Путин

Рускиот претседател Владимир Путин постојано повторува дека е подготвен да се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски, но има некои прашања што треба да се решат пред да може да се организира таков состанок, изјави денеска рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

Путин го доведе во прашање легитимитетот на Зеленски во врска со одложувањето на изборите во Украина поради војната. Лавров рече дека прашањето за легитимитетот мора да се реши пред Москва да потпише каков било документ со Киев.

Рускиот министер за надворешни работи, исто така, рече дека европските лидери се обидуваат да го поткопаат напредокот што, според него, е постигнат на самитот меѓу САД и Русија минатата недела во Алјаска за мировен договор.

-Европските сојузници на Киев се обидуваат да го префрлат фокусот од решавањето на „коренските причини“ за војната, рече тој.

Тој, исто така, ги повтори загриженостите на Русија за тоа што Европа дискутира за безбедносните гаранции на Украина без учество на Русија.

-Сите идеи што се разликуваат од оние што ги изнесе Русија за време на разговорите со Украина во Истанбул во 2022 година се безнадежни, објасни Лавров. 

МИА

Најнови вести

Најново од Свет

Најчитани вести