Лазаров: Металург сега е посилен

Капитенот на македонската ракометна репрезентација и член на Барселона Кирил Лазаров, упати пофални зборови до македонскиот претставник во Лигата на шампионите Металург со кого Каталонците утре ќе се сретнат во Скопје. – Металург игра многу подобро оваа полусезона за разлика од есенскиот дел. За тоа доказ се и победата против Веспрем и бодот на гостувањето против Динамо во Минск, како и добрата партија во Париз против ПСЖ, каде домаќините трепереа до последниот момент околу прашањето на победникот. За разлика од есента играат многу побрзо и потечно, стои во изјавата на Лазаров на неговата веб-страна. За неговиот клуб најдобриот македонски ракометар вели дека првата цел ја постигнале со освојувањето на лидерското место во групата. – Што се однесува до нас, ние примарната цел ја остваривме со освоеното прво место во нашата група. Во секој случај натпреварот ќе го искористиме, бидејќи ни се потребни силни противници за да растеме како тим. Очекувам прекрасен амбиент во Скопје, бидејќи македонската публика тоа го заслужува, вели Лазаров. Натпреварот од 10. коло Ц група во Лигата на шампионите, Металург – Барселона ќе се одигра утревечер во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје каде шпанскиот шампион единствено не успеа да победи оваа сезона и тоа во мечот со Вардар во септември минатата година.

]]>

Најчитани вести