Лазаров: Ова е натпревар за влез во ТОП 16 фазата

Ракометарите на македонскиот првак Вардар во недела го играат еден од клучните натпревари за пласман во ТОП 16 фазата од Лигата на шампионите. Во Скопје во СЦ „Борис Трајковски“ ќе гостува белорускиот првак Динамо Минск, екипа составена од 10 интернационалци и 8 ракометари од Белорусија.

– На почетокот од ова натпреварување наша главна цел беше пласман во ТОП 16 фазата. Сега имаме одлична можност со победа во 8.то коло (вкупно се десет) на домашен терен над Динамо Минск да го обезбедиме пласманот меѓу 16-те најдобри екипи. Дуелот со Динамо е решавачки. Гостите се квалитетен ривал, но не и атрактивен како Барселона и ПСЖ. Имаме проблем со повредени играчи, но тоа нема да биде алиби. Очекувам добар настап на нашите бекови кои се здрави Илија Абутовиќ и Владимир Петриќ, секако и на Тимур Дибиров и сметам дека на овој дуел ќе победи тимскиот дух, истакна капитенот на „црвено-црните Филип Лазаров на денешната прес конференција.

За новиот тренер на Вардар, Шпанецот Раул Гонзалез ова ќе биде деби на еден официјален натпревар. Но, доаѓа во тежок момент особено што на повреди се жалат Лазаров, Игор Карачиќ, Немања Прибак, а нема да играат Алексеј Растворцев и Алекс Душебаев поради повреди.

Ова е решавачки натпревар за нашата екипа. Имаме за противник екипа која со доаѓањето на словенечкиот репрезентативец Борут Мацковшек ја пополни празнината на бековската линија и сега се поопасни, изјави Гонзалез.

Натпреварот се игра во недела со почеток во 18 часот, влезниците се веќе продадени.

Од групата Ц утре играат ПСЖ и вториот македонски тим Металург (почеток 18 часот) и Вакер Тун – Барселона. На чело на табелата е Барселона со 13 бодови, ПСЖ и Металург имаат по 9, Вардар 6, Динамо Минск 4, Вакер Тун 1.

]]>

Најчитани вести