Лазаров: Воопшто нема да го потцениме Бриксен, одиме на победа и на реваншот

Лидерот во македонската Суперлига, тимот на Алкалоид в сабота ќе го одигра реваншот со Бриксен во осминафиналето на ЕХФ Европскиот куп.

По убедливата победа (44:32) на првата средба во Италија, македонскиот претставник е речиси во четвртфиналето. Сепак, тренерот Кирил Лазаров бара од своите избраници максимален пристап и на реваншот и во ниту еден момент да нема потценување на ривалот.

– Неочекувана висока победа на првиот натпревар против квалитетен противник. Резултатот не е реален. До 50 минути беше само четири разлика. Воопшто нема да го потцениме противникот. Ќе влеземе на реваншот максимално сериозно и одиме на уште една победа. Сега во фокусот ни е само Бриксен, а потоа ќе размислуваме за дербито со Еурофарм Пелистер кое е само по два дена од дуелот со италијанскиот тим, изјави Лазаров на денешната прес-конференција.

Слично размислува и репрезентативецот Мартин Велковски.

– Не се екипа за потценување. Играат модерен ракомет. Сепак, ние сме поквалитетни и очекувам уште една победа во меч на кој исто како и на првата средба да има многу голови. Ја повикувам нашата публика да дојде да не бодри како и на секој натпревар до сега и заеднички да го прославиме пласманот во четвртфиналето. 

Натпреварот Алкалоид – Бриксен ќе се игра в сабота (22 февруари) со почеток во 18 часот во салата „Автокоманда“ во Скопје. 

Алкалоид има максимални пет победи на петте досегашни натпревари во ЕХФ Европскиот куп. 

МИА

Најнови вести

Најново од Спорт

Најчитани вести