Информацијата објавена од ГевгелијаНет, а пренесена од повеќе портали според која вчера доцна навечер мигрант прободел полицаец распореден за обезбедување на Железничката станица во Гевгелија, се испостави неточна.
Од МВР за Либертас изјавија дека нема пријавено таков настан, ниту до нив е допрена таква информација.
ГевгелијаНет пак објави нова вест, според која полицаецот се повредил откако „се препнал од оградата поставена за заштита на новонасадените високи палми се наденал на столбовите за потпирање на палмите и при падот го исчашил своето рамо.“
– При трчање во просторот кај паркот во близина на железничката пруга, припадникот на полициските сили од единицата за брзо распоредување се препнал од оградата поставена за заштита на новонасадените високи палми се наденал на столбовите за потпирање на палмите и при падот го исчашил своето рамо.
Избоцкан и изгребан од оградната жица со исчашено раме во грч од болка полицаецот паднал на земја и видно растреперен бил вџашена гледка за околните минувачи. Веднаш пристигнала и екипа на брза помош од гевгелиската Општа болница.
На повредениот му била укажана медицинска помош, а кај дел од гевгеличани кои во тој термин поминувале на вообичаената вечерна прошетка кај надвозникот на влезот во Гевгелија се прошири шпекулацијата дека мигрант прободел полицаец. Во паркот во тој момент имала и група од десетици мигранти кои седеле во присуство на специјални полициски сили. Тоа е само уште еден показател дека со долгомесечното присуство на мигрантите во Гевгелија, иако едни заминуваат, други влегуваат во државата и бараат да транзитираат низ Македонија, жителите на југот стануваат ксенофобични и параноични во поглед на мигрантската криза – пишува порталот.


