Лидерката на венецуелската опозиција, Марија Корина Мачадо, планира да се врати во земјата по разорните два земјотреса од минатата недела.
Протераната лидерка и добитничка на Нобелова награда за мир, синоќа изјави за американски „Фокс њуз“ дека „е дојдено време“ да се врати дома.
„Моја должност е да го придружувам мојот народ. Треба да бидеме заедно, да се прегрнуваме, да тагуваме и да жалиме заедно“, рече таа.
Мачадо рече дека има намера „многу скоро“ да биде во Венецуела, пренесе ДПА.
Повеќе од 1.430 лица загинаа, а илјадници други се повредени во двата земјотреса што се случија во средата.
Се верува дека илјадници сè уште се заробени под урнатините по последователните земјотреси со магнитуда од 7,2 и 7,5 степени.
Мачадо со месеци наназад редовно го најавуваше своето непосредно враќање во татковината. Меѓутоа, според извештај во Њујорк тајмс, американската влада смета дека таквото брзо враќање е несоодветно.
Таа во декември ја напушти Венецуела за да ја прими Нобеловата награда за мир во Осло и остана во странство, бидејќи беше под закана од апсење. На почетокот на јануари, Вашингтон започна воена операција во Венецуела, заробувајќи го лидерот Николас Мадуро.
Откако Мадуро беше заробен, јужноамериканската земја е управувана од вршителката на должноста претседателка, Делси Родригез, која претходно беше потпретседателка на Мадуро. Политичката иднина на Венецуела останува неизвесна, наведува ДПА.
МИА


