Со новиот Закон за вино кој се донесе годинава, за првпат се утврдува гарантирана производната цена на винско грозје по килограм, најдоцна до 15 јули во тековната година и тоа за најмалку две најзастапени сорти. Пресметката на трошоците за производство на килограм винско грозје на определена површина и соодветен квалитет, согласно дадена методологија, се предвидува да ја врши високо образовна или научна институција од областа во земјоделството.
Но и покрај законската обврска, сеуште нема никаква информација за откупната цена на грозјето.
-До 15 јули требаше да знаеме која цена ќе се утврди како гарантиран производна цена на винското грозје, но еве бербата се ближи, а ние сеуште немаме никаква информација од надлежните инситуции – реагираат лозарите.

Покрај гарантираната цена новиот закон предвидува и креирање на нова годишна, посебна програма за финасиска поддршка во лозарството и винарството, каде преку конкретни мерки, уште повеќе треба да се развиваат овие два значјни сектори.
Системот на заштитата на географските индикации на виното, во целост е усогласен со европското законодавство. Новиот закон за вино во овој дел предвидува, истите да се заштитуваат на национално и меѓународно ниво, со заштитена ознака за потекло, или заштитена географска ознака. Традиционалниот назив на виното, на национално и меѓународно ниво, се заштитува со традиционална ознака.
Вината со географска ознака ќе треба да исполнуваат одредени барања во однос на квалитет или геогравски карактеристики, односно да бидат произведени од грозје кое потекнува исклучиво или во најголем дел од дефинираното географското подрачје и производството на вино се одвива во дефинираното географско подрачје. Во насока на заштита на географските индикации на виното областите погодни за производство на вино во законот се делат на региони и реони, и виногорја, локалитети, месности.
Производството на вино со географска ознака ќе биде следено од сертификациони тела, кој процесот ќе го верифицираат во сите фази почнувајќи од самиот почеток на производство на грозје, до производство на вино со геогравска ознака. Сите заштитени ознаки на потекло и нивните корисници ќе бидат регистрирани во соодветен регистар во МЗШВ.


