Македонската женска ракометна репрезентација в среда против Русија го почнува квалификациски циклус за Европското првенство, а во пресрет на тој дуел селекторот Ристо Магдинчев како главна цел на своите избранички им постави да се сопрат противнападите на Русинките.
– Руската репрезентација скоро 80% од головите ги дава од полуконтра и контра. Тоа е нивното главното оружје. Германската репрезентација во нивниот меѓусебен дуел го сопре тоа и имаше позитивен резултат. Според тоа нашата прва задача е во напад да не трошиме многу топки, да играме паметно, затоа што нападот го губи натпреварот. Позиционата одбрана ние ќе ја издржиме. Техничките грешки треба да ги сведеме на минимум, изјави Магдинчев на денешната прес-конференција.
Тој ги информира новинарите дека македонските ракометарки се добро подготвени за предизвикот.
– Подготовките за Русија практично почнаа уште од првиот момент кога ги направив тие два собира, односно турнирите во Србија и во Тунис. На ракометарките од домашното првенство се приклучија и интернационалките и заеднички ги одработивме последните тренинзи. Репрезентацијата е подмладена, тоа беше неминовно по отказите на поголем број поискусни и бевме принудени да направиме еден рез. Потребно е време за оваа селекција да ги даде резултатите, но не можеме да чекаме и сакаме во од да правиме резултати, а колку ќе успееме во тоа ќе видиме на средбите со Русија, рече македонскиот селектор.
Капитенот Робертина Мечевска уверена дека Македонија ќе забележи добар резултат, а најави дури и победа против силниот противник и ги повика навивачите на „црвено-жолтите“ да ја исполнат салата „Кале“ во реваншот закажан за в сабота.
– Одиме на добар резултат, а тоа значи победа. Ќе биде тешко, подмладени сме, но верувам во овие девојки и се надевам дека ќе ја прекинеме серијата без победа. Ги поканувам сите навивачи на реваншот в сабота да дојдат во што поголем број да ни дадат поддршка во обидот да се пласираме на ЕП, потенцира Мечевска.
Натпреварот Русија – Македонија ќе се одигра в среда во Ростов со почеток во 17 часот по македонско време.
Освен овие две репрезентации во квалификациската група 7 игра и Германија.
Русинките и Германките имаат по една победа во нивната меѓусебна пресметка со тоа што Германија има подобра гол разлика на тие средби.
Двете првопласирани селекции обезбедуваат учество на ЕП.
]]>


