Златко Димчовски, почесен професор на УКЛО и истражувач во ЦЕРН, водечка светска лабараторија за нуклеарни истражувања во Швајцарија, во Битола претстави проект кој ќе се користи во медицината и со цел, ефикасна борба против болеста канцер.
Во изјава за медиумите, Димчовски истакна дека станува збор за проект што лично го лансирал и е прв во човековата историја.
-Се работи за проект што јас го лансирав во ЦЕРН и е за користење на проток на антипротони или антиматерија, и тоа е проект кој што за прв пат се појавува во човековата историја, а го почнавме пред 20 години. Јас и мојата екипа со физибилити студија ја докажавме можноста проектот да се користи во медицината и тоа е потврдено. Станува збор за користење на т.н. нова фабрика на антиматерија и притоа со мојата екипа докажавме дека е можно со радиотерапија против канцерот, односно против ракот да се употребуваат антипротони. Во процесот кога доаѓа до „бомбардирање“ на антипротоните со канцерогена келија, тогаш доаѓа до трансформација и овозможува келијата да исчезне. Таа маса на протон и антипротон се претвора во електромагнетна енергија и со тоа, бидејќи ниту една терапија во светот денеска тоа неможе да го прави, со новата терапија канцерогената келија исчезнува, истакна Димчовски.
Тимот на македонскиот експерт Златко Димчовски, очекува примена на новата метода која значително ќе биде поефикасна во борбата против болеста канцер наспроти употребата на денешните актуелни акцелератори.
-Ние очекуваме за неколку години да добиеме дозвола за практикување на оваа метода бидејќи секој лекар лесно ќе го гледа уништувањето на канцерогените келии, односно кои канцерогени ткива ќе бидат уништени. Подиректна метода за уништување на канцерогениот дел и на најчист начин за канцерот да се исчисти, од оваа, во светот не постои и што е најважно без секундарни последици. Патем, сакам да кажам дека актуелните акцелератори што ги има во светот, наскоро ќе бидат во заборав бидејќи тие не ги уништуваат канцерогените келии, туку дејствуваат на друг принцип кој не е доволен за уништување на канцерот/ракот. Всушност, во овие 20 години колку што овој експеримент постои во ЦЕРН, докажано е дека со симулација на цели, бидејќи сеуште немаме дозвола за дејствување врз канцеронгени келии, се добива здрав ефект и за целото тело, а не само на местото каде канцерот е дијагностициран.
На стручното предавање што се одржа на Техничкиот факултет во Битола, македонскиот експерт Златко Димочовски, истражувач во ЦЕРН-Швајцарија, потсети дека студентите од УКЛО доаѓале во ЦЕРН на тренинзи кои ги реализирале во соработка со Агенцијата за нуклерани истражувања во Македонија која како што рече од за него непознати причини од минатата година е затворена, но нема пречки да продолжи директната соработка меѓу УКЛО-Битола и ЦЕРН, Швајцарија.
МИА


