Марко Пејчиноски, малиот херој на маратонското пливање во Охрид

Дваесет и петте километри колку што беше долга патеката тој успеа да ги исплива благодарејќи и на поддршката на неговите најблиски, кои постојано го бодреа, давајќи му совети како да плива, максимално да ги испружува рацете, да го држи ритамот. За Марко пливањето е разонода, рекреација, задоволство. Тој рече дека секако ќе продолжи со пливање, додека за неговите планови за иднина самиот рече дека рано е да се размислува, како што рече, „иднината се менува“. Неговиот успех е дотолку поголем, затоа што се соочува со здравствени проблеми со левата нога, поради кои му било забрането да игра фудбал или ракомет, а пливањето го препорачале и самите лекари. – Многу сакам да спортувам. Кога можев, секогаш бев надвор со другарите постојано играјќи фудбал. Кога се случи тоа со ногата и после операцијата, пливањето го избрав како моја идна спортска активност, изјави тој. Инаку, подготовките за овој подвиг Марко ги започнал на 15 октомври минатата година, со план и намера да биде учесник на десеткилометарскиот маратон на Охридското Езеро, за подоцна кога се уверил во неговите можности да го измени планот и да се подготвува за обидот да го преплива целото езеро. – Сакам да бидам маратонец, да пливам маратонски трки надвор од Македонија. Секако дека ќе пливам и понатаму, уште сум мал за некакви посериозни планови за во иднина, рече скромниот Марко, порачувајќи им на неговите врсници и на сите млади луѓе дека доколку се има желба и напорно се работи можат да се постигнат секакви успеси. Неговите родители не сакаа со било какви изјави да го засенат успехот на Марко, освен што ја искористија можноста да искажат голема благодарност до хотелот „Тино“ во Охрид каде му било овозможено во текот целата година секојдневно да тренира и за се подготвува за маратонот, на базенот во Спортскиот центар „Билјанини извори“ каде Марко тренираше летово, како и на Здружението на возачи од Охрид каде е вработен неговиот татко, овозможувајќи му да го носи Марко на тренинзите и да го враќа дома. Извор: МИА]]>

Најнови вести

Најново од Ракурс, Ударни вести