Тренерот Херардо „Тата“ Мартино и најдобриот играч Лионел Меси нема да ја напуштат Барселона на крајот на сезоната и покрај шпекулациите што кружат во Шпанија.
Шпанските медиуми деновиве објавија информација дека Меси барал предвремен раскин на договорот со каталонскиот клуб, а дека тренерот Мартино ќе добие отказ.
– Категорично ја отфрламе можноста да го раскинеме договорот со Мартино. Разговаравме со него околу идните планови. Тој е целосно посветен на неговата работа и можам да кажам дека останува и следната сезона, изјави клупскиот портпарол Мануел Арохо.
Тој најави и потпишување на нов договор со Меси.
– Аргентинецот сам рече дека кариерата сака да ја заврши во Барселона, а наше е да се потрудиме неговите желби да се остварат. Во тек се преговори за продолжување на договорот на Меси, но деталите остануваат сега за сега тајна, нагласи Арохо.
Меси досега во шест наврати го продолжуваше договорот со Каталонците за кои до овој момент има одиграно 412 натпревари и постигнато 344 голови.
]]>


