По извршените разговори со сите вмешани страни, дисциплинската комисија на Металург заклучи дека нема основа за понатамошно водење на постапката и со свое решение ја укина суспензијата на Дарко Станиќ, соопштуваат од РК Металург. Од клубот велат дека сите недоразбирања на релацијата Металург – Станиќ се расчистени на заемно задоволство, за што сведочи и изјавата што Станиќ ја даде за официјалната веб-страница на Металург:
-Денеска имав подолг разговор со генералниот спонзор на Металург. Беа отворени сите теми и беа разгледани сите проблеми. Со големо задоволство можам да кажам дека победи здравиот памет и дека ги расчистивме сите недоразбирања. Најбитно е тоа што е договорена здрава комуникација, нешто што досега ни недостигаше. Свесен сум за мојот однос на натпреварот против Динамо Минск, но и јас сум само човек со свои маани и доблести. Секако дека жалам што првпат во својата кариера бев суспендиран, но се надевам дека сето тоа е веќе зад нас. Целосно му се враќам на натпреварувачкиот систем и се надевам, како и многупати досега, дека ќе го дадам мојот придонес во идните успеси на Металург. Нѐ чекаат важни натпревари, а прв меѓу нив е мечот со Вардар, против кој секогаш сум посебно мотивиран, бидејќи се работи за вистински дерби натпревар-вели Станиќ.


