Се распиша оглас за 10.000 евра неповратна финансиска помош за млад земјоделец со променети услови (првите договори се потпишаа во ноември), оглас за поддршка на подигање долгогодишни насади и набавка на приплодни грла, исто така со променети услови, како и уште два огласа за давање под закуп државно земјоделско земјиште до три и над три хектари. Паралелно со сите овие мерки, Министерството ги скрати и непродуктивните трошоци. Донесени беа пет правилници за строга контрола на трошењето пари за прекувремени работни часови, угостителски услуги, репрезентација, службени патувања, гориво, дневници. Евидентни беа и честите средби на производителите и откупувачите со министерот Николовски. Се водеше транспарентен дијалог за, како што изјавуваше тој, поефикасно решавање на проблемите. Ангажирана беше и науката преку формирање посебно тело во Министерството за земјоделство. Последниве месеци почна креирањето на решението за т.н зелена нафта од кое се очекува драстично намалување на производните трошоци. Оваа мерка, освен што ќе биде своевидна поддршка за земјоделците, треба да го аморитизира и ударот од зголемувањето на акцизата за нафтата за три денари по литар, односно поскапувањето на дизелот за 3,5 денари. Зголемувањето на акцизата ги подели земјоделците. Едни оценија дека ваквото решение не е добро, дури укажуваа и дека е против земјоделството, па предлагаа негово изземање, додека други – дека не треба да се прави политички маркетинг со нафтата зашто поскапувањето не би било големо (десет денари за декар или 100 денари за хектар), туку да се смисли стратегија како да се пласираат производите зашто тоа, според нив, е поголем и посуштински проблем. – Направени се сите потребни анализи за воведување „зелена нафта“ во земјоделството. Стартот на мерката е планиран за 2018 година, изјави на 25 ноември 2017 министерот Николовски. „Зелена нафта“ ќе се воведе преку измени на Законот за земјоделство и рурален развој. Оваа мерка практично значи дека ќе се кофинансира набавката на гориво за земјоделската механизација. Уште не беа стивнати реакциите околу „зелената нафта“, кога Владата најави нови законски измени, овојпат за персоналниот данок на доход. Со нив се предвидува земјоделците кои остваруваат приход до еден милион денари, на почетокот на секоја година да го добијат назад персоналниот данок што им се задржувал претходните 12 месеци. Проценка на ресорното Министерство е дека со ваквите измени околу седум милион евра повеќе ќе завршат кај земјоделците, наместо кај државата како досега. Со мерката ќе бидат опфатени 65.000 земјоделци. Тие ќе бидат ослободени и од административни трошоци, односно од обврската да поднесуваат даночни пријави. Тоа во нивно име ќе го прават откпувачите. Земјоделството во 2018 година ќе биде поддржано со 160 милиони евра субвенции, а приоритети, како што најави министерот Николовски во интервју за МИА, остануваат окрупнување на земјиштето, реконструкција, рехабилитација и изградба на хидростистеми за наводнување, максимално искористување на ИПАРД средствата, заокружување на системот на безбедност на храната, подобрување на конкуретноста на стратешките извозно-ориентирани земјоделски производи, стимулирање на фирмите за промоција на своите производи на странските пазари и ревизија на доделеното земјоделско земјиште. Буџетот за земјоделството во 2018 година е проектиран на 10,1 милијарда денари. Највеќе средства одат кај Платежната агенција, вкупно 8,6 милијарди денари, од кои 8,4 се за директна поддршка во земјоделството и руралниот развој. Само за земјоделското производство се планирани 6,6 милијарди денари, додека за зголемување и заштита на шумскиот фонд се обезбедени 21 милион денари. Вкупниот буџет на Министерството за земјоделството, пак, изнесува околу 643 милиони денари МИА]]>


