Министерот Хоџа посака бериќетна жетва – се очекуваат добри приноси од пченицата

Министерот за земјоделие, Арјанит Хоџа денеска присуствуваше на првиот ден од почетокот на жетвата во житните полиња на ЗК „Пелагонија“. По тој повод се одржа манифестацијата „Денови на жетва – жито за живот“.

Министерот Хоџа истакна дека податоците за оваа година се охрабрувачки бидејќи за 7 проценти е зголемен бројот на обработливи површини со пченица во споредба со минатата година и дека годинава очекуваат принос од околу 260.000 тони пченица.

-Обработливите површини под пченица во 2021 година изнесуваат околу 79.000 хектари и тоа е зголемување за 7 насто во однос на 2020 година. Врз основа на податоците од подрачните единици на МЗШВ, оваа година очекуваме просечен принос од околу 3.200 до 3.500 килограми пченица по хектар или околу 260.000 тони пченица, истакна Хоџа.

На отворената манифестација „Деновите на жетва – жито за живот“, министерот Хоџа посочи дека државата ќе продолжи да го мотивира производството на лебно жито доколку се засејува пченица со сертифициран семенски материјал.

-МЗШВ го поддржува производството на пченица затоа што е стратешки производ во нашата држава. Преку програмата за финансиска поддршка во земјоделството издвојуваме 12.000 денари по хектар за засеана пченица со сертифициран семенски материјал. Пченицата како и други житни култури се поекономични доколку се произведуваат на поголеми површини и за таа цел Владата и МЗШВ предвидоа поголема финансиска поддршка за засеана пченица со сертифициран семенски материјал за површини од 5 до 50 хектари, за што обезбедивме финансиска поддршка од 14.400 денари по хектар, рече Хоџа и потврди дека МЗШВ го поддржува производството на житните култури.

„Нема поголема радост за земјоделецот, од онаа кога ги жнее плодовите од својот труд. А особено, кога годината е родна и жетвата е богата, па е најдобра награда за вложениот труд. Целиот труд, посветеното време и љубовта со која полјоделците ги обдаруваат своите житни полиња, се враќаат назад кон нив и тоа како благослов, преку жетвата. Да не заборавиме, битно е и сонцето и водата и дождот. А нас природата ни дала сѐ што треба. Во климатски услови какви што имаме ние, а особено Пелагонија, нашата најголема житница, житните култури одлично успеваат“ подвлече министерот.

-После изјавата што ја дадов пред неколку дена за мелничарите дека уцени и таков пристап нема да се прифати од државата, веќе има поместување од нивните ставови. Наредните денови, следната недела ќе имаме состанок. Цените на светската берза и во регионот растат и тоа треба да биде тренд и за самите производители да ги добијат тие или слични цени. И што и да преземаме ние како држава, како министерство во делот на субвенционирање тоа не треба да се сфати како намалување на цената на мелничарите кон земјоделците, вели Арјанит Хоџа, министер за земјоделие.

Вели дека не може да каже за откупната цена, а на прашањето дали земјоделците ќе бидат заштитени по однос на цената, министерот рече:

-Апсолутно. Јас ќе бидам во постојана комуникација како со другите потсекторски групи како што сум бил цело време, и мислам дека ќе успееме да обезбедиме добар однос меѓу самите производители и самите откупувачи. Не би можел да кажувам цена бидејќи тоа е работа на договор, слободен пазар, но верувам дека ќе има задоволителна цена од двете страни, изјави Хоџа.

]]>

Најнови вести

Најново од Агро Бриф

Најчитани вести