Доколку се укине издавањето државни записи, се укинуваат механизмите за нормално и непречено реализирање на буџетот. Се доведува во прашање исплатата на платите, на пензиите, воопшто на сите редовни исплати кои се вршат од буџетот, соопшти денеска Министерството за финансии, пренесе МИА.
Според Министерството, ветото на СДСМ на издавањето државни хартии од вредност значи дека пензиите нема да се исплатат на почетокот на месецот како што секогаш се исплаќаат овие девет години, нема да се исплатат платите за полицијата, војската, здравствените и образовните работници, социјалната помош, ќе се запре изградбата на патишта, водоводи, капитални проекти, ќе се запре исплатата на субвенции…
Издавањето на државните хартии од вредност е предвидено со Буџетот за 2015 година, изгласан од Собранието на РМ, и со неговото попречување, нагласува Министерството за финансии, се крши и законот.
„Секоја земја издава државни хартии од вредност. На тој начин месечно се пегла балансот односно приходите и расходите. На пример, акцизите и данокот на добивка се наплаќаат на 15 во месецот, а ДДВ на 25-ти. Законски пензиите и платите се исплаќаат до 15 во месецот. Државните записи имаат функција да обезбедат ликвидни средства во овој меѓупериод за да горенаведените и воопшто сите државни исплати и активности се вршат непречено, согласно планираното и договореното. Така отсекогаш функционирал буџетот и така функционира и кај сите земји“, се наведува во соопштението на Министерството за финансии.
Во календарот за одржување аукции за продажба на државни хартии од вредност на Министерството за финансии освен датите на идните аукции, има и дати на стари доспеани записи кои треба да се исплатат.
„Во контекст на аукцијата следната недела која предвидува продажба на државни записи во вредност од 100 милиони евра, истиот месец доспеваат за исплата стари записи во вредност од 5,2 милијарди денари или 84,6 милиони евра. Значи тоа не е ново задолжување, туку рефинансирање на веќе запишани хартии од вредност“, објаснува Министерството за финансии.
Доколку на тоа се додадат 150-те милиони евра од еврообврзницата, велат од Министерството за финансии, која беше издадена во 2005 година од страна на Владата на сега опозицискиот СДСМ, тоа се вкупно 234,6 милиони евра кои треба да се вратат во декември. Од нив 210 милиони, заедно со еврообврзницата, треба да се исплатат заклучно 8-ми декември.


