Низама Хеќимовиќ беше брутално убиена во петокот, а убиството во живо преку социјалните мрежи го пренесуваше убиецот Нермин Сулејмановиќ, нејзиниот невенчан сопруг. Тој уби уште двајца други луѓе, татко и син, а трагедијата не само што ги остави семејствата обвиени во црнина, туку целосно ги шокираше и ги порази жителите на Градачац, но и целиот регион.
Семејството и пријателите на Низама Хеќимовиќ се растргнати меѓу тагата и лутината поради загубата на саканата личност бидејќи немало да дојде до таква завршница, ако судот, четири дена пред убиството, не одбил да му издаде забрана за приближување на Сулејмановиќ, со објаснување дека нема опасност за жртвата.
Како што претходно изјавила тетката на Низама, Зијада Вуковиќ Памуковиќ, преплашената жена седум дена се криела кај неа, а осмиот ден некој му ја открил локацијата.
Членовите на целото нејзино семејство објавија црни слики на социјалните мрежи, но некои одлучија и да проговорат за сето тоа што се случувало.
„Мојата Низама не ја уби само Нермин. И не го стори тоа само со куршум. Тој ѝ го зеде животот претходно. Тој ја уби заедно со неговите луѓе од институциите. Судијката Лејла Нумановиќ, која го одби предлогот за забрана за приближување. Полициски службеници од МУП Градачац кои му кажале од кој број е пријавено семејното насилство“, напиша сестрата на Низама на социјалните мрежи.
Уште на денот на убиството, новинарите на Телеграф биле информирани на лице место, во Градачац, од мештани дека „пријател“ на Сулејмановиќ вработен во полицијата на напаѓачот му открил дека Низама пријавила семејно насилство, како и каде се наоѓа, но овие наводи не се официјално потврдени.
Сулејмановиќ откако ја пронашол, ја претепал, а потоа ја убил својата вонбрачна партнерка со која има дете пренесувајќи се во живо на социјалните мрежи. Потоа таргетирал други жртви. Веднаш тргнал да ги убие таткото и синот Џенгиз и Денис Ондер, а притоа ја ранил и Хариса Ондер. Според полицијата, тие не биле случајни цели, туку Сулејмановиќ во минатото бил во одредена врска со нивната ќерка или сестра, и меѓу нив имало судски спор.
Сулејмановиќ го ранил и полицаецот Хусеин Коториќ пред полициската станица во Градачац, како и граѓанинот Недим Памуковиќ. На крајот тој избегал на фарма надевајќи се дека нема да биде пронајден, но полицијата ја открила неговата локација и го опколила. Тогаш Сулејмановиќ сам си го одзедел живото.
Додека бил во градот потенцијално би можело да има и повеќе негови жртви, но тоа го спречил Хасан Јашаревиќ (77), продавач во продавницата „Рибо Ловац“, од кого Сулејмановиќ заканувајќи се со пиштол барал муниција, но тој му дал ќорци.


