Управата на Манчестер јунајтед му дала рок од два месеца на тренерот Дејвид Мојас да ja подобри состојбата и резултатите на тимот кој во изминатите седум месеци додека е тој на чело игра под своето реноме, пишува „Индипендент“.
Соработката со Мојас ќе трае сигурно до 26 април кога завршува годинашнава сезона во Премиер лигата. Дотогаш Јунајтед треба да одигра најмалку 12 натпревари, 11 во Премиер лигата и реваншот со Олимпијакос, кој ги победи „црвените ѓаволи“ на првиот меч од Лигата на шампионите со 2:0, што дополнително ги засили критиките кон Мојас.
Манчестер јунајтед сезонава по 27 одиграни кола во Премиер лигата има освоено само 45 бодови, 23 помалку од лани кога екипата ја водеше Алекс Фергунсон. Јунајтед во моментов заостанува дури 15 бодови зад првопласираниот Челзи.
Англиските медиуми деновиве пишуваат дека акциите на Манчестер јунајтед ќе бидат продадени на Њујоршката берза, што според нив ќе значи дека Дејвид Мојас најверојатно ќе го напушти клубот поради слабите резултати и неисполнетите очекувања на акционерите.
]]>


