Владата на Република Македонија и Министерството за земјоделство одовори на денешниот повик на претседателот на СДСМ, Зоран Заев, кој го повика премиерот Никола Груевски лично да дојде и да види како се откупува тутнот од тутунопроизводителите.
Според нив Заев најверојатно не е во тек со аграрната политика на оваа Влада со која веќе 5 години наназад се исплаќаат по 60 денари за килограм произведен и предаден тутун.
– За просечната откупна цена на тутунот во прилепскиот регион должни сме да ги информираме „загрижените” во СДСМ дека заклучно со денешниот ден просечната откупна цена на тутунот во овој регион е 161,12 денари за килограм, а досега во овој регион се откупени 2,5 илјади тони тутун, стои во реакцијата во која се додава дека на ниво на цела држава откупени се 6 илјади тони тутун, што е само околу 18 отсто од овогодинашното производство, се наведува во реакцијата на министерството.
Во соопштението се додава дека на СДСМ треба да им е познато дека за произведен и предаден ориентален ароматичен и полуориентален суров тутун само за реколта 2012 на 25.816 тутунопроизводители им е исплатена финансиска поддршка со висина од 60 денари за килограм или вкупно 1,66 милјарди денари од програмата од 2013 година за произведен и продаден тутун.
Потсетуваат дека овој износ од над 27 милиони евра само за тутунот е околу четири пати поголем од вкупните средства што СДСМ ги издвојуваше за сите земјоделски култури заедно.
– Владата на Република Македонија е единствената која спроведува силна финансиска поддршка за тутунопроизводството од сите држави во регионот, традиционални производители на ориентален ситнолистен тутун. Токму ова е маката на „загрижените” во СДСМ и причината поради која денес повторно се обидоа да ја потценат свеста на тутунопроизводителите, истакнуваат во реакцијата.


