Новоизбраниот претседател Доналд Трамп се пожали дека американските знамиња ќе бидат спуштени на половина копје на денот на неговата инаугурација во чест на починатиот претседател Џими Картер. Официјалната церемонија е закажана за 20 јануари, а претседателот во заминување Џо Бајден нареди знамињата да се спуштат на половина копје 30 дена од датумот на смртта на Картер на 29 декември, како што е вообичаено кога ќе почине американски претседател.
Трамп, кој најави дека планира да присуствува на комеморацијата на Картер во Вашингтон на 9 јануари, во објава на Truth Social во петокот го искажа своето незадоволство за положбата на знамињата за време на неговото положување заклетва.
„Демократите се ,возбудени’ што нашето величествено американско знаме ќе биде ,на половина копје’ за време на мојата инаугурација“, рече Трамп.
„Тие мислат дека тоа е одлично и се многу среќни бидејќи, во реалноста, тие не ја сакаат нашата земја, тие мислат само за себе“, додаде тој.
Трамп рече дека поради смртта на Картер минатата недела, американското знаме „првпат ќе биде спуштено на половина копје за време на инаугурацијата на иден претседател“.
„Никој не сака да го види ова и ниту еден Американец не може да биде среќен поради тоа“, рече тој.
Портпаролката на Белата куќа Карин Жан-Пјер рече дека Белата куќа не планира да ја преиспита одлуката.


