На деведесетогодишник – возач на камион му ја продолжиле возачката дозвола: Работам по 12 часа дневно

Бријан Вилсон од Шефилд ја започнал својата кариера како возач на камион уште во 1953 година. Седумдесет години подоцна, 90-годишниот Брајан, за кој се верува дека е најстариот возач на камион во светот, сѐ уште се буди во 4 часот наутро секое утро за да работи дванаесетчасовна смена како возач на камион за достава. Вози до различни локации низ Англија.

Секоја година мора да оди наконтрола за да докаже дека е способен да држи волан, а така било и последниот пат, пишува Дејли Мејл.

Брајан го поминал својот годишен медицински преглед што значи дека може да ја работи работата што ја сака барем уште една година. По прегледот, тој изјавил дека многу е радосен што не треба да престане да вози.

„Иако сум стар, ќе продолжам да возам ако се чувствувам здрав. Морам да ги поминувам медицинските прегледи секоја година и мило ми е што и годинава ги поминав“, рече тој.

Пред да започне со оваа работа, во 1953 година, Вилсон возел воени камиони за време на неговата воена служба во 1950 година, кога бил стациониран во Германија. Откако се вратил дома и работел во компанија за бензин, почнал да работи и како возач во камионската компанија на неговиот татко, Е. Вилсон и синовите.

Во седумдесетите години на минатот век, тој ја наследил компанијата по смртта на неговиот татко и оттогаш ја води. Со текот на годините, поминал милиони километри, но сега се држи до кратки патувања, како што вели, од околу 250 километри.

„Работам секој ден и веројатно ќе работам над 40 часа и оваа недела. Утре ќе работам околу 12, бидејќи ќе заминам за Бирмингем околу 5 часот наутро, а околу 17 часот ќе се вратам, но веќе сум навикнат на толку“, рече тој.

Иако сака да го вози камионот, размислува да се пензионира следната година. Тој сака да оди на Тајланд со сопругата Мејвис (89). Инаку, Вилсон во сите овие околу 70 години колку што вози, никогаш немал сообраќајна незгода.