Бил пушкомитралезец, помошникот му загинал пред очи Во отпорот се вклучува веднаш по фашистичката окупација од пролетта во 1941 година. – Помагав со се’ што можев. Наоѓав куќи за состаноци, одржував врски, разнесував материјали. Во мојата куќа често престојуваа илегалци. Еднаш три недели тајно кај мене живееше Ванчо Китанов. Добро се знаев со Ванчо Прке, Славчо Стојменски, партискиот секретар Васил Златев-Шиљо ме испраќаше да носам материјали во Злетово, а Благој Мучето ми даваше материјали за Радовиш и за Струмица до каде често одев и пеш. По повикот на Главниот штаб на НОВ и ПОМ за масовно пристапување во партизанските единици, во август 1944 година стапив во Четвртата македонска бригада, на Плачковица. Имаше многу нови борци, па за сите немаше доволно оружје, се’ до средината на септември, кога во беровско Митрашинци се формира 50. Дивизија. Тогаш имаше оружје и да избираш. Јас задолжив пушкомитралез. Имав двајца помошници, од кои едниот загина покрај мене во битка кај селото Балван – раскажува Јованов. Со својата единица учествувал во ослободувањето на многу села и градови во источна Македонија. Продолжиле и кон Скопје, Матка и Тетово. По целосното ослободување на Македонија, тој бил вратен во Штип. Како поранешен столар, првата задача му била да формира столарска задруга. Потоа извршувал и повеќе други воени, партиски и стопански задачи. Бил и директор на трговско претпријатие, секретар на угостителската комора за источниот регион, секретар на Обласниот народноослободителен одбор. Се пензионирал пред 35 години, како службеник во СЗБНОВ и резервните старешини. Се оженил кога имал 32 години. Неговата животна сопатничка, сопругата Дина, починала пред 15 години. – Дина беше од Пробиштипско. По завршениот курс, таа дојде да работи како медицинска сестра во Штип. Се запознавме и стапивме во брак во 1950 година. Бев скромен човек. Освен неа не сум имал други девојки и врски. Никогаш не сум имал ни пасош. Ни југословенски ни македонски, па никогаш не сум одел ни во странство. Не ми е жал за тоа. Мене ми е доволна мојата Македонија. Мислам дека уште многу треба да учиме од порките и од Илинден и од НОВ и АСНОМ, и оти младите треба да бидат поединствени во битката за опстојување и за подобра идина на нашата замја – нагласува Јованов. Трајан Јованов истакнува дека неговото пошироко семејство е класичен пример низ што се’ поминале Македонија и македонскиот народ додека да дојдат до слобода. – За петнаесетина години трагично загинале дури десетина члена на семејствата на моите татко и мајка, кои потекнуваат од плачковичките села Почивало и Кошево. Вујко ми загинал како комита во Злетовско. Дедо ми по татко го убиле и ограбиле Турци со парите што ги носел за купување куќа, дедо ми и баба ми по мајка биле убиени од качаци… Брат на мојот татко загинал на Беласица во 1913 година, во Втората балканска војна. Не научивме ни во каква и чија униформа загинал, ни каде му е и дали воопшто има гроб. Кратко време по неговата мобилизација, присилно го мобилизирале и татко ми. Во српската војска. Тогаш избегал во Бугарија. Но, како што велеше, отишол „од трн на глог“. По еден месец избегал и оттаму, па се вратил и долго се криел овде – раскажува Јованов. Пишува: Љупчо Шатевски Извор: ММС]]>


