Како Заводот за статистика ги менува податоците за растот на индустријата и за извозот во зависност од желбите на министрите. БДП е третиран како свадба. Кумот и пали и гаси
Во новогодишното двочасовно обраќање на премиерот на јавниот сервис, кое носеше смешен наслов – интервју, слушнавме и за тоа дека Груевски дури и признава дека направил некоја грешка. Не било тоа нешто страшно, туку само што во еден период државата решила да не ги извршува своите обврски кон стопанството. Мала ситница која воопшто не влијаела да бидеме светски лидери во креирањето добра бизнис-клима, како што самиот премиер не’ убедуваше неколку минути пред тоа и воопшто во целиот мандат. Ова признание на премиерот е старо, но е важно затоа што директно потсетува дека ако тоа е неговата најголема грешка, тогаш неговиот најблизок пријател, соработник и министер за финансии е најголем лажго. Во целиот период додека сите говореа дека владата должи, Ставрески во десетици наврати арогантно тврдеше дека Владата навремено ги извршува сите свои обврски.
Неплаќањето на државата по основ на доспеани обврски за набавени стоки и услуги и поврат на ДДВ кон правните лица е најдолниот начин за спроведување на државно-партиски рекет. Јавна тајна е дека ваквите влади оставаат простор и некои компании навремено да си ги наплатат побарувањата, но за тоа постои одговорно лице и тарифа. Покрај многуте други работи кои ќе мора да ги разјасни идната власт во првите 100 дена, таа ќе мора да го расчисти овој начин на корупција. Тоа е исклучително важно и ќе има за цел елиминирање на каква било помисла за ваква практика на која било идна владејачка структура. Во овој правец признанието на премиерот и лажните изјави на министерот за финансии мораат да имаат важна улога во таквиот процес.
Несериозно е ако некој мисли дека затоа што се потурил со пепел и нешто признал, тој и се променил во своето дејствување. И денес долгот кон правните лица е најмалку ист или дури и поголем од оној за кој минатата година лажеше Ставрески, а на двапати го признаваше Груевски. Кога пред неколку недели на министерот за финансии повторно му беше поставено прашањето за тоа колкава е моменталната сума која Владата му ја должи на стопанството, одговорот беше папагалското повторување за тоа колкав бил растот на БДП. Тоа е истата практика на МФ од минатиот период со која се бега да се соопшти вистината и се прикрива класичен рекет.
А кога сме кај растот на БДП, тука двоецот Груевски – Ставрески инволвира цели државни институции со цел колективна манипулација. Ако ги погледнете податоците со кои Заводот за статистика (ДЗС) го прикажува реалниот раст на БДП, ќе забележите нелогичности за кои не ви треба никакво познавање на економијата. Па, така, ДЗС тврди дека во третото тромесечје од оваа година извозот пораснал за 8,8%. Тоа е добар резултат. Но, сосема логично дека за да можете нешто да продадете, односно извезете, треба да го произведете. Во најголем број земји како Македонија се извезува тоа што се создава во земјоделството и индустријата. Но, ако веднаш погледнете во табелите на ДЗС ќе забележите дека во истиот период индустријата пораснала за само 1,7%, а земјоделството за 1,1%.
Тогаш се поставува прашањето што сме извезувале во тој период? Да беше податокот за последниве месеци, ќе кажевме дека сме извезувале магла и смог, но се работи за јули, август и септември. Кога за ова разговарав со еден ултравладин економист, тој веднаш најде ноншалантен одговор. Ми вели дека тоа е резултат на новите странски инвестиции кои целосно ги увезуваат репроматеријалите, потоа тука ја користат само нашата работна рака, тоа не влијае значително на растот на индустриското производство, ама бидејќи целото производство се извезува, имаме раст на извозот. Тоа можеби и би објаснило нешто, само доколку во табелите на ДЗС се појави и раст на увозот. Но, во дадениот период и увозот се намалил за околу 5%. Паралелно со ова, никој не може да го објасни и следното. Доколку во првите девет месеци расте градежништвото со околу 35%, логично е да имаме некаков раст и на бруто-инвестициите. Но, според ДЗС, во првите девет месеци од 2013 бруто-инвестициите паднале за цели 15%. Што ли граделе градежните компании во овие девет месеци?
Но, ако и за сето ова погоре некој експерт од власта најде објаснување, тогаш нема никакво објаснување за драстичната промена на податоците кои ги направи ДЗС при објавувањето на растот на БДП за третиот квартал. Таква скандалозно ретуширање на претходните податоци не е забележано, најверојатно, ни во Грција. Ќе се осврнеме само на два податока. Во сите претходни соопштенија ДЗС излегуваше со податок дека во 2012 година индустриското производство паднало за 8%. Според истите податоци, во првите два квартали од 2013 индустријата бележеше минимален раст од 0,7 во првиот и 4,1% во вториот квартал. Е, арно ама, во декември ДЗС вели – пу, пу, не важи и не’ бомбардира со следнава „мала“ промена. Па, така, од тогаш за 2012 стои дека индустријата забележала раст од 2,8% и понатаму дека во првиот квартал таа растела за цели 9,1%, а во вториот за 7%. Ех, мојата чудесна земја. Тоа е чудесниот рецепт како се станува четврти во Европа.
Но, секоја лага, секоја манипулација или фалсификат, со сигурност ве заглибува во поголеми и поголеми проблеми. Сите оние штимања од погоре резултираат со тоа дека кога морате барем формално да ги задржите основните равенства, доаѓа до тоа да самите статистички модели ви исфрлаат некој друг неповолен податок. Па така, во декември ДЗС излезе со помал БДП по тековни цени отколку што се појавуваше во претходните соопштенија. Тоа, во принцип, би требало да му направи најголем проблем на Ставрески, кој секој месец треба да излезе со своите табели за состојбата на јавниот долг како процент од проектираниот БДП за 2013. Долг период Ставрески оперираше со проектиран БДП за 2013 во износ од 7,907 милијарди евра. Врз основа на тоа јавниот долг во ноември достигна 34,6% од БДП. И тогаш, тоа му се виде премногу. Наместо да ја намали проекцијата врз основа на податокот на ДЗС, кој вели дека за 9 месеци БДП изнесува само 5,638 милијарди евра, Ставревски ладно го подигна БДП на 8,031 милијарди евра. И пак само можеме да кажеме – ех, мојата чудесна земја. Наеднаш јавниот долг преку ноќ падна на 34% од БДП и го видовме по којзнае кој пат чудесниот рецепт за тоа како се станува четврта најмалку задолжена земја во Европа.
Во една ретка пригода кога имав мала можност јавно да дебатирам со премиерот, неколку пати го прашував колкав е БДП на Македонија. Тој постојано одговараше: колкав е, толкав е. Тоа е сосема разбирливо. Кај нас БДП е третиран како свадба. Кумот и пали и гаси.
пишува: Кире Наумов, политички аналитичар
Извор: Утрински весник]]>


