Текстот го пишувам додека во мене расте нов живот. Секое чукање со рачето или ножето на мојот стомак, ме потсетува на човечката одговорност да се грижиш за другиот.
Од синоќа не можам да ја извадам од глава пораката на напатената сопруга Марина “Томче го носат во затвор”, а веднаш по неа и сликата на Кежо со лисици на рацете, тажен поглед, скршен што повторно се збогува со неговата животна сопатничка и ќерката. Се плашам да помислам колку болка има во нивните срца, болка за сопруг, за татко.
Сакам да побарам од Томче да ни прости на сите колеги кои не застанавме кога тој беше приморан да застане. Кај текстот за смртта на Никола Младенов.
Други продолжија и со текстови, истражувања за сомнителни тендери, сомнително финансирани портали, поткупени медиуми, корупција, наместени избори…
Прости Кежо, можеби тоа ги разбесни повеќе, што мислиш ти колега? Но, може ли да се молчи пријателе, кога сите гледаат што тебе ти се случува? Кога на сите ни пресудија како неподобни, предавници, кодоши…
Не помогна ни ветувањето кога за прв пат новинарите се собраа пред кривичниот суд и ветија “Ќе молчиме, пуштете го Кежо”.
А, може ли да се молчи пријателе кога ги гледаме мршојадците како ги глодаат последните остатоци? Кога безмилосно, подмолно и кукавички во ниедновреме, како да коваат заговор, а не да носат и спроведуваат закони, од своите топли домови одлучуваат за твојата, мојата, нашата судбина…
Тие се најслободни кога ние молчиме и сме најзатворени.
Не можеме Кежо пријателе да молчиме. Ти тоа не го сакаш. Ти не молчеше, нема ни ние. Ти беше гласен, гласни сме и ние.
Должни сме да се грижиме Кежо,за тебе, твоето семејство, за нас, нашите семејства, нашите деца.
Секое чукање со рачето или ножето во стомакот, тоа ме потсетува. Должни сме и пред новите животи кои ги носиме на овој свет.
Биди силен колега
Фејсбук статус на Богданка Кузевска


