Нема веќе пари за споменици, ќе мора да донираме за Миленко, Мирка, Латас и…

Откако се изгради споменикот за Александар Македонски во центарот на Скопје, повеќе пари во државната каса за изградба на споменици нема, оти Жерновски сите пари ги потрошил на реновирање на училиште, соопштија со тага во очите денеска од Министерството за градење на споменици и додадоа дека нема ниту банка која што ќе даде кредит за да задолжиме уште пет генерации и да го доградиме она што е планирано.

-За жал, спомениците на многу македонски борци за правда и за неправда, херои што не се бореа со пушка, туку со сол и шеќер и познати фаци од културно општествениот живот останаа без соодветни обележја, изјави Министерот.

Според него ова е голем неуспех за Македонија воопшто, особено во денешно време кога цел свет е во криза и не гради споменици, но веќе ги има дефинирано своите патриоти и предавници па нема зошто да се грижи, а ние се уште немаме поима ни кои се тие, ни зошто се и затоа потребно е во најбрз можен рок да ги одбележиме.

-Ова ќе бидат архитектонски склулптурни споменици посветени на неколкумина од актуелниот јавен живот во Македонија, кои ќе им бидат оставени на идните генерации како примери, но за жал министерството за нив нема пари да ги изгради, туку сакаме да видиме дали ќе можеме да собереме донации од граѓаните за да докажеме колку тие всушност ги сакаат. Ако не собереме пари и за коњи, за да ги качиме достоинствено на коњи, како што им прилега, тогаш нема да ги качиме на коњ, туки ќе им ги направиме само главите, чисто да се знаат кои се, па понатаму, ќе им доддеме и коњи, објасни министерот.

На прашањето дали ќе им направи споменик и на Ивона Талевска и на нејзината мајка, министерот рече дека за нив нема да се собираат пари од граѓаните, туку тие самите покажале иницијатива да си донираат за своите споменици.

-Потребно е да се направи споменик и на премиерот Никола Груевски, но сепак, него не можеме да го сместиме помеѓу спомениците во Центарот на Скопје, оти сега таму на власт е Жерновски и тој нема да ни даде. Затоа Премиерот ќе го направиме кога ќе имаме доволно гласачи од Пустец кои што живеат во Центар, рече Министерот истакнувајќи дека се работи на случајот.

Бројот за донации е објавен на веб страната на министерството и од утре ќе биде официјално пуштен во употреба со свечено сечење на телефонската жица, што симболично ќе биде поставена до телефонот. Тој и понатаму ќе може да ги прима вашите донации оти ова е 21 век, и телефонот може да биде и безжичен.

На прашањето зошто не се отвораат фабрики, а се уште се градат споменици, Министерот се насмеа и го искара новинарот што го постави ова нелогично прашање.

-Ах вие новинарите, какви сте кога човек нема да ви даде милион евра ич не размислувате. Јас не знам како вие можете да кажете нешто, чисто само колку тоа нешто да се каже без притоа логички да се размисли. Зарем може да се направи фабрика што личи на Миленко и кој би сакал да работи во таква фабрика, праша зачудено министерот и додаде едно реторичко прашање:

-Немојте да тресете глупости, оваа Влада мисли на сè, за сè да си биде како што треба. Дури и да направиме таква фабрика, каде потоа ќе го додадеме коњот?!

-Па Штета

Предупредување: Ова е измислена вест и не треба да се сфати сериозно

]]>

Најнови вести

Најново од Ракурс, Топ Вести

Најчитани вести