Ненад Јовановиќ: Така млада, а така мртва нација

Груевизам е идиотско десетгодишно владеење кое заедницата ја растури на парчиња

Груевизмот третина од нацијата ја претвори во номади, бездомници. Останатите  адаптирани на смрт, оскудација и безнадежност. Кој ќе не’ состави? Како? Со што?
Ниедно племе во историјата, како нас, не’ успеало самото себе да си направи „холокауст“. Зошто се’ уште „студената војна“ не е разрешена? Зошто ништо не се признава, ни ветар, ни дожд, ни гравитација, ни Менделеев периодичен систем? Кој, ако не груевистите, им дозволи на оние Македонци да работат така што ќе им ја кинат главата на другите. Кој, ако не груевизмот, пееше патриотски песни додека интимно се мислеше на сечење глави, души, судбини.
Не умирам ниту за самоуправниот социјализам. Не умирам ниту за османлиите. Многу после нив ги решаваа работите како знаеја и умееја. Но прашањето е: кој меѓу нас го воведе токсичниот патриотизам, токсичната ксенофобија, токсичниот конзервативизам; кој ги направи, кој ги инсталира отровните токсични патриоти кои се толку одвратно досадни, што, додека ги испишувам овие зборови, каки ми се.
Што сте бре вие? Кои сте тоа вие? Како стигнавте до овие категоризации – што е тоа Македонец – кој од вас е засрамен или примитивен? На која идеја денес Македонија почива? На слобода? На демократија? На лакејски менталитет? На историја? На традиција? На консензус од хајки, рушење, уништување? На баналоноста во насилието? На злосторството? На апатијата? На гнев? На лажење? На исконска неприлагоденост? На поединечна и колективна интелегенција? До кога ќе живееме парализирано, чекајќи ја смртта?
Кој треба денес да се срами што живее во вакво време? Кој беше соучесник на груевистите изминативе години? Кој беше роб на груевизмот? Што и’ припаѓа на една генерација која брка на клоци и пендреци од парламентот, владата, улиците. Што ни останува нам во наследство како нација? Што е тоа, со кое име се означува тоа што не може да си поднесе оставка, како се нарекува тоа што не може да уреди  избирачки список, медиуми… Што е тоа што не може да дефинира датум за избори? Не сме подобри од другите, ама полоши нема.
Кој е тој што доброволно се откажа од личните интереси заради идеи? Груевистите. Кој ја изолира земјата, кој ја прокоцка иднината на земјава? Груевистите. Кој глупоста ја прогласи за принципиелност, а суетата за карактер? Груевистите. Кој направи државна мафија? Груевистите. Во кој друг народ и држава, се’ што вреди е или под земја, или во друга земја? Во Македонија. Боже, кој не’ смести овде? Се’ што е мое е ремек дело. Се’ што е наше, претставува ремек дело. Мртва нација не дава плод. Зошто луѓето ја скриваат правата дијагноза на нашата болест?
Македонија е земја без ниту еден авторитет. Во која сакате област. Дајте им само пари, и мирно Дреново. Плански и вешто осакатено општество. Укината спонтаност, агонија претворена во теорија, избришано е се’ што е заедничко. Земја која докажа дека чесноста е неисплатлива. Систем создаден на вечна војна против граѓаните. Или, “Власт која преќутно им објави војна на своите граѓани“. Општество кое ја крие вистината за себе. Држава напикана во раце на приватници и тајна полиција. Нација загледана во минатото, не гледа никаде.
Знае ли Груевски, се почесто жив и преку денот, кој е и каков е обичниот Македонец? Како живее. Какви се неговите убедувања. Колкава е неговата енергија. Има ли надеж во себе. Има ли пари. Знае ли каква безвезна појава е претворен тој Македонец во очите на богатите и бахатите? Каков несреќник е пред својата жена и дете. Колку му е рокот на траење. Колку е чесен и немоќен за да ја промени својата судбина. Таквиот бара гневот да го соедини со другите. Да направи злобно општество. Неадаптирани на промени, незаштитени пред бедата, очаен пред опасностите, дефицитарен во демократијата, без кондиција во граѓанска Македонија, Македонците се лесен плен за Груевски и Иванов. Никој не знае во што ќе го вложи својот гнев и енергија. Без нивната општа и колективна несреќа невозможно е да постои груевизмот, нема да има „подржавен капитализам“ (дури и таа бизарност ја има во груевизмот), нема транзиција, нема реконструкција на Македонија.
Прашањето само се пишува: како тогаш се бираат кандидати за несреќни? Кој е критериумот и лиценцата за селектор?
Груевски мора да биде демобилизиран. Неговото „стрелање“ во политичка смисла мора да биде решено. Ако ништо не им се случи, ќе биде јасно кој победил, кој надвладеал. А, можеби ќе биде многу бодобро вие да погледате во самите себе. Можеби веќе сте мртви.

Пишува: Ненад Јовановиќ,
граѓански активист

Најнови вести

Најново од Ракурс

Најчитани вести