Ненад Јовановиќ: Затоа, Груевски, мрш!

Ја видов фотографијата на претседателот на ДПМНЕ, Никола Груевски, како со цела екипа се наоѓа на работна посета во Брисел, среда 29. јуни, 2016. година, убедени дека модерната технологија чуда прави
Гледајќи ја сликата, Поповски изгледа интелегентно, Тодоров држи затворена уста, оној охриѓанец делува шармантно – како да не’ е роден две години пред да му ја сошијат кројката на оделото за „свечени“ прилики, а Груевски, без трунка глума – изгледа автентично тупо. Во реалноста е поинаку. Кое друго објаснување имаат кога животот на граѓаните, под ваква власт, подразбира дека си гладен, без работа, очаен, контролиран, прислушуван, регистриран, уплашен од мафијата и’ од законот, медиумски хипонотизиран, забрануван, дрилуван, поробен, продаден, обесчестен, апатичен, неизлечен, блокиран, обележан, без надеж за своите деца…
Македонија заради ваква власт државата официјално е претворена во држава на организирана лага. Општество задавено од алкохол, примитивизам, криминал, корупција, просечниот живот скратен за десет години во последните две децении. Со волјата на водачите претворени сме во нација отпорни на искуство, факти и интелегенција. Сурово истргнати од сопствените интереси, без смисла за правда и чувство на концепција за добро.
Македонија е земја која намерно е направена за да биде без карактер, лишена од својата причина, својата кичма, Македонија е проектирана така што самата не знае што е. Ако Македонија е еден човек и таков човек живее во Европа, како во едно село, кој не би го избегнувал таквиот бедник кој краде живина и кокошки наоколу само за да преживее, ја толчи фамилијата, ги изнајмува своите деца за да работат на туѓи поседи, продава наследена дедовина, се задолжува, никој не го повикува на слави и венчавки, со литро ракија која ја „шлока“ на нечиј гроб и така пијан пее и се курчи низ сокаците.
Имено, тука недостига историска аналогија. Никогаш и никаде за толку кратко време ниеден европски режим не’ прокоцкал толку надеж, огромна доверба на луѓе, значајна енергија на граѓани само за еден слој од скотови, за една генерација, да изврши социјална револуција во своја корист. Она што требаше да се создаде педесетина години наназад, сега, со груевци, се сруши за само десет години. За десет години наназад е решена судбината на граѓаните со генерации нанапред. Едни ќе бидат непристојно богати; други ќе останат неописиво сиромашни. Едни нема да бидат казнети (?) заради пљачкање, другите ќе ги казни судбината.
Тајна полиција создава богатство, партнерства, штити и убива. Државата претставува „помалиот брат“ на мафијата. Владата на груевизмот неповратно влезе во фаза кога лаже, наместо кога „работи“. Таквиот процес трае. Моќта претставува најголемиот афродизијак на груевизмот. Корупцијата пак, тоа е форма на неофицијално насилие, а официјално заштитена со дискреционо право кое направи дупка во системот изминативе години.
Тие кои ја водат играта, го уништуваат регулирањето на пазарот, ја поништуваат правдата и правото, функцијата на државата и законот, ја чуваат пирамидата на тајната полиција, внатре во тој систем циркулираат фантастични суми на црни пари. Во пирамидата не се влегува, ниту од неа се излегува без плаќање на данок во крв. Секоја демократска институција здробена е од ударот на парите и стравот. Така Македонија ја претворија во радикално насилие према своите граѓани. Држава која во насилството ја бара својата суштина на се’ постоечко. Да се бара од Груевци да се борат против корупција, правна држава и демократија, тоа е комичен предлог на наивци. Тоа е исто како да барате од Дракула да не’ биде вампир, а од папата да барате да не’ биде католик.
Нашата ситуација е многу едноставна: на владата на Македонија никој нормален повеќе не и’ верува! Тоа е екипа од физички работници селектирани како извршители на прости работи за некои сосема други политички обврски. Тоа се луѓе кои ништо не знаат, ништо не научија од „националната победа“ кои ја приграбија за себе. Ништо освен ортачење со мафијаши и ортачење со тајкуни. Македонската влада, имено, е група од повторувачи на историјата. Нив ги разори функцијата која ги надрасна; аздисаност која ги опседна; чувство на слобода која ги затекна после смртта на оној од кој најмногу се плашеа. Тие личат на гости од ток-шоу емисии на Џери Спрингер: малоумници кои ги изнесуваат своите валкани гаќи, а пред публиката се точат.
Раката на историјата која случајно ги доведе на власт, денес им ја покажува излезната врата. Сега и најголемите ВМРО-овци, што и тоа да значи „најголеми“, искрено се каат. Време е за предвремени избори! Ако власта не ги сака, утре ќе молат за нив! Значи вонредни избори веднаш! Вонредни избори со сите сретства! Затоа што нација која трча низ пеколот, мора да трча на избори! Владата денес е група од приватници, делегитимирана како лидер на мнозинството, пропадната влада како лидер во реформи, банкротирана како благајник на нацијата.
Изборите треба да бидат ден кога граѓаните ќе им судат на Груевци, граѓанската порота е спремна за судење! Доколку не сакаат судење, ќе ги приведеме! Македонија ќе може повторно да сонува. Затоа, Груевски, мрш!

Пишува Ненад Јовановиќ, граѓански активист

Најнови вести

Најново од Ракурс, Топ Вести

Најчитани вести