Непродаден компир, јаболка што никој не ги бара и млеко по мизерни 15 денари за литар и преполовен добиточен фонд. Ова е реалноста на земјоделците од битолските села Ротино, Цапари, Кажани и Доленци.

-За ова јаболко ми даваат 2 денари за килограм?! Имало една црна точка и трговците ми го ценат како индустриско јаболко. Ме фаќа инает, не им го давам ако треба ќе го давам како храна на свињите – вели Науме Поповски од село Цапари.

Пласманот остана не решен проблем на земјоделците. За тоа е виновна владата и никој друг, посочи поранешната пратеничка Ленче Николовска која денеска заедно со Јован Настевски од СДСМ Битола ги посетија земјоделците од тој регион.

-Во земјоделската програма на СДСМ една од главните мерки е обезбедување на сигурен пласман и откуп на земјоделските производи. Дали тоа ќе биде преку интервентен откуп од страна на владата тогаш кога ќе има потреба или долгорочно преку намалување на производната цена со поефтини и поквалитетни репроматеријали, особено зелена нафта, преку изнаоѓање на нови пазари и специјален фонд за таа намена. Важно дека земјоделците нема да се измачуваат како сега и да бидат препуштени на уцените на трговците и откупувачите- изјави Николовска.

Сточарот Цане Мишевски на тимот од СДСМ му посака срдечно добредојде во село Цапари но со жалење констатираше дека од 30 кооперанти на Битолка млекара во селото сега останале само 8 мелкопроизводители. Скапата храна, ниската цена на млекото ги натерало сточарите да се откажуваат од ова производство.

-Останавме најиздржливите, не знам дали заради упорноста или нешто друго е во прашање за да работиме со толку мала заработка, да не кажам на нула сме. Годинава и пченица во Пелагонија е помалку насеано.Не ни се исплати со 6 денари за килограм колку што ни ја платќаат мелничарите. Ама не се ни тие криви, крива е владата која не остави така не заштитени – вели Мишевски.

Слична беше состојбата и во останатите села и разговорите со земјоделците. Сите иста мака имаат, а тоа е единствено поради негрижата на досегашната влада.

-Ве уверувам дека има мерки кои можат значително да ја подобрат состојбата, доколку се сака. Ве уверувам дека имаме план како да го кренеме земјоделството преку повисоки и навремени субвенции, поефтина нафта, сигурен пласман, инвестиции во наводнувањето, ревизија на поделбата на државната земјоделска земја и враќање во рацете на вистинските земјоделци- заклучи Николовска и додаде дека ќе се укине и персоналниот данок за приходи оставарени од основна земјоделска дејност.


