Делегација на грчката Влада, предводена од вицепремиерот Јанис Драгасакис денеска имаше уште еден круг неуспешни преговори со претставници на земјоделците, кои веќе неколку недели протестираат со блокади на главните патни правци во северна и централна Грција.
Како што објави електронското издание на весникот „Катимерини“, неколкучасовните разговори меѓу владините претставници и 17-члената делегација на земјоделците не довеле до никаков резултат.
Според весникот, двете страни не успеале да ги доближат ставовите за повеќе прашања, меѓу кои како најспорни се сметаат висината на даноците и социјалното осигурување.
Додека траеше средбата, земјоделците продолжија со блокадите на патните правци низ Грција, но и на граничните премини Евозни и Дојран на границата кон Македонија.


