Нов трошок за фирмите за одржување на фискалните каси

Откако ги купија новите фискални ГПС каси, компаниите сега за истите ќе треба да плати дополнителни 60 евра. Секоја година фискалната каса со ГПС уредот ќе треба да се надоградува , а трошокот е на грбот на фирмите, информира 24 Вести.

Трговците револтирани велат дека добиле известување од фирмата од која ја купиле касата дека во рок од три дена треба да платат 3600 денари за нов софтвер, во спротивно УЈП ќе им ја блокира сметката. Поради страв од инспекции, останаа анонимни.

Од Управата за јавни приходи се прогласија за ненадлежни.

„Овластениот производител на фискален систем  е должен најмалку еднаш во годината да изврши превентивна проверка без надоместок. Сите останати побарувања, како што се: пренос на податоци преку мрежата на мобилниот оператор, функционална и техничка поддршка, поправка на фискалниот систем на опрема и слично, се уредуваат со договор помеѓу овластениот производител и корисникот на фискалниот систем на опрема“, велат од УЈП.

24 Вести се обиде да стапи во контакт со овластените фирми кои ги продаваат новите фискални каси. Повратен одговор не добивме.

Од Стопанската комора сметаат дека секој  дополнителен трошок за малите фирми го отежнува нивното работење.

Според Владата, со новиот систем ќе се зајакнат контролите врз прометот и финансиската дисциплина.

Компаниите сами ги купија новите фискални каси, а државата сега треба да им ги врати париите преку даночно порамнување.

Извор: 24 Вести

Најчитани вести