Орбан застана зад Трамп и Путин
Унгарија ги поздравува чекорите преземени на средбата меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин и ги поддржува понатамошните преговори, особено втората средба меѓу Трамп и Путин, објави денес унгарскиот премиер Виктор Орбан.
„Ве потсетуваме на иницијативата на Унгарија што е на маса за ЕУ да предложи самит ЕУ-Русија што е можно поскоро“, напиша Орбан на својот Фејсбук профил.
Виктор Орбан потсети дека лидерите на 27 земји-членки на ЕУ денес одржаа разговори, каде што беше покажано дека заканата од трета светска војна може да се намали само со средба меѓу Трамп и Путин.
„Се покажа дека стратегијата за изолација не успеа. Се покажа дека членството на Украина во ЕУ нема да донесе безбедносни гаранции, па затоа поврзувањето на безбедносните гаранции со членството е непотребно и опасно“, рече Орбан.


