Maкедонски туристички автобус вчеравечер во 00.30 часот по локално време, на враќање од Истанбул, во градот Текирдаг удрил во камион со приколка кој се движел пред него. Автобусот буквално се забил во камионот, кој го влечел 150 метри, пишуваат турските медиуми.
Во сообраќајната несреќа едно лице загина на самото место, а 38 се повредени, од кои пет сериозно.
На самото место починал еден македонски турист, за кој турските медиуми наведуваат дека е на возраст од околу 40 години, со иницијали Н.Ј.
Повеќе туристи останале заробени во автобусот, поради што пожарникарите морале да интервенираат и да го сечат автобусот за да ги спасат луѓето. Како што пренесуваат турските медиуми, едниот од нив бил извлечен со двете скршени нозе.
Останатите 37 патници и возачот З.М. (50) се здобиле со повреди и истите се хоспитализирани во околните болници. Петмина од нив се тешко повредени.
Полицијата работи на утврдување на причините за несреќата. Камионот го управувал 28-годишен турски државјанин кој поминал без повреди. Според турски медиуми, во притвор се наоѓаат возачот на автобусот и возачот на камионот.


