Просечната цена на еден хектар обработливо земјиште во Европската Унија се проценува на 15.224 евра во 2024 година, објави Евростат.
Канцеларијата на ЕУ наведува дека ова претставува зголемување од 6,1 процент во споредба со претходната година, кога цената на хектар изнесувала 14.343 евра.
Од друга страна, просечната годишна цена за изнајмување обработливо земјиште и трајни тревници во ЕУ беше проценета на 295 евра по хектар, што претставува зголемување од 6,4 проценти во набљудуваниот период.
Меѓу земјите со достапни податоци, највисока просечна цена по хектар обработливо земјиште е забележана во Малта (201.263 евра), по што следат Холандија (96.608 евра) и Португалија (76.556 евра).
Спротивно на тоа, најниски просечни цени по хектар обработливо земјиште се забележани во Латвија (4.825 евра), Литванија (5.590 евра) и Словачка (5.823 евра).
Изнајмувањето на хектар обработливо земјиште било најскапо во Холандија, со просек од 941 евро годишно, по што следуваат Данска (580 евра) и Грција (509 евра).
Цените за закуп на земјиште биле најниски во Словачка (69 евра), Хрватска (76 евра) и Малта (92 евра).


