Овој Македонец го преживеал „Титаник“, со последните сили се држел за чамецот во кој се спасувале богатите, молел за помош, но не го ни погледнувале… Еве ја приказната на Стојко Додоловски

Малата подморница „Титан“ по која деновиве интензивно се трага, ги разбранува приказните за потонувањето на бродот Титаник, несреќа што многу малку луѓе ја преживеа. Меѓу нив е и Македонецот, Стојко Додоловски, кој заминувал во странство во потрага по подобар живот.

Стојко Додоловски е роден во 1896 година во Чучер, Скопска Црна Гора, а починал во Чикаго. Тој го преживеал потонувањето на бродот Титаник на 15 април 1912 година. Уште како дете, бегајќи од теророт на Турците и Арнаутите во тоа време, на 16 години заминал за „ветената” земја – САД.

Со многу малку пари во себе стигнал до Саутхемптон, од каде требало да го продолжи патот со брод. Билетот за „Титаник“ едвај успел да го купи во последен час, од поп, кој иако имал билет бил спречен да појде, па му го препродал на Додоловски. Судирот на бродот и ледот е ноќта спроти 15 април 1912 година, Додоловски успеал да дофати еден појас за спасувње и да рипне во студените води од 15 метарската височина.

Успеал да се фати за еден чамец што меѓу првите бил спуштен во водите со богатите патници. Шеснаесетгодишното момче ги молело да го примат на чамецот, но погледите им биле студени и укорувачки што се осмелил дуру и да се држи за чамецот. Еден од нив си ги подвиткал нозете со топлото ќебе, а го покрил и неговото куче да не настине, но за Додоловски немал милост.

Држејќи се така во ледениот океан, почнал да се грчи и мрзне, снемал глас и ја губел силата. На крајот, немоќта го совладала и се пуштил, господата не го ни погледнале. Се нашол среде темницата во окенаот полн со тела кои плутаат и случајно повторно се закачил за еден превртен чамец, каде подоцна го пронашол офицерот Лоу, единствениот од таа ноќ вреден за почит. Офицерот сам со чамец ги собирал преживеаните. Еден од 12-мината спасени од Лоу бил и Македонецот Стојко.

Лоу го ставил во чамецот, го превртел и триел. Подоцна бил префрлен на бродот „Карпатија”, каде биле и господата со кученцето.

За животот на Стојко после несреќата многу малку се знае. Според некои негови соселани, тој се вратил од странство во 1948 година. Се вработил во една фирма во скопската населба Ѓорче Петров. Се вратил со надеж дека ќе остане ќе си живее и ќе умре во Македонија. Но, неговата ќерка подоцна повторно го повлекла во Америка. Починал во Чикаго.

Стојко во неколку наврати ја раскажувал приказната за Титаник, и според постарите соселани, секогаш се смеел додека раскажувал. Бил познат и како Стоко Дебелиот бидејќи имал околу 200 килограми.

Од 2224 патници на Титаник дури 1517 останаа на морското дно.

Според некои информации на Титаник имало повеќе Македонци. За жал не е познат нивниот идентитет и дали има и други преживеани.

Најчитани вести