Медиумите кои неуморно сркаат од лонецот со владините реклами не пропуштија и денеска да не известат за непрегорната работа и залагање на големиот лидер Никола Груевски или пастирот, како што милуваат да го нарекуваат некои новинари или поточно оние кои за новинари се претставуваат.
Така, на вестите на Сител во 16 часот видовме инсерти од тоа како Груевски не ферма ни празник ни делник, се само за добро на народот. Тој не само што работел денеска ( ние пак наивни сметавме дека тоа му е обврска како и на сите вработени во работен ден) туку ќе работи и вечерва додека другите слават. Се разбира, оваа вест ја „дознале“ и во Курир, па овој портал, повикувајќи се на свои извори, замислете, известува:
„И на последниот ден од година кога вечерва се дочекува новата година, во попладневните часови премиерот Груевски во Владата имаше работен состанок со неколку министерства на кој се разгледуваат реализациите на тековни и идни проекти. Според нашите извори, се разговарало за проекти со конкретна корист од повеќе сектори за бизнис заедницата, младите, пензионерите, инфраструктурата, земјоделците. Се очекува состанокот да трае до вечерните часови. Од Владата очекуваме добри вести во Новата година и проекти од интерес за граѓаните“, пишува Курир.
Ние искрено се надеваме дека пастирот нема до толку да се занесе во работата и посветеноста за доброто на народот, па да претера со работата и по 24 часот односно да го одработи и преминот во новата година. Веруваме дека и народот е согласен да се откаже од некој нов успех за негово добро, колку да може премиерот да си честита со најблиските…



