Перо Костадинов: Банални и бесмислени

Дирекниот и јасен вординг кој го употреби Европската комисија во последниот извештај за Македонија недвосмислено ги нотира констелациите во кои се наоѓа нашата земја. Всушност, Македонија е киднапирана држава. Тоа не е повеќе формулација која ја употребува само македонската опозиција туку и официјален Брисел. Овогодинешниот извештај е најотворениот, но во исто време и најзагрижувачкиот извештај од страна на ЕК во историјата на нашите односи со ЕУ. Македонија нема демократски капацитет и сериозно назадува во клучните критериуми за прогрес кон европските интеграциски процеси.

ЕК нотираше дека “државата страда од тесните партиски интереси и отсуство на политичка култура за компромис; дека вработените во јавниот сектор биле предмет на заплашување, притисоци и закани дека ќе го загубат работното место ако не излезат на контра-протестите што власта ги организираше; дека повеќето приватни телевизии ги координираат своите уредувачки политики во корист на владеачката партија, и дека има и директно мешање на власта во именувањето на судии кои треба да ги судат истрагите што ги започнува СЈО”.

Но, овој народ не се потресе многу околу извештајот на ЕК за Македонија. Всушност, вчера заклучивме дека нашите граѓани ги интересира многу политика, ама исклучиво светска. Овој народ кој има Претседател на државата каков што има, чувствуваше исконска потреба и беше најповикан да ги коментира случувањата околу претседателските избори во Америка и победата на Доналд Трамп. Од искулирани домаќинки до боливудски старлети, сите наеднаш станаа експерти за надворешна политика и до најситен детал ги анализираа потенцијалните политички импликации од американските избори.

Граѓанството кое е комплетно задушено во системската темница и страв; кое е удавено во матните езера полни со криминогени и опасни пирани; кое цела деценија избира да биде раководено од умоболни и несреќни ликови; кое две години од објавата на “бомбите” сеуште останува немо и слепо за својата уназаденост и немоќ воопшто не покажа заинтересираност за извештајот од страна на ЕК за неговата држава.

Нашиот менталитет и однесување сериозно загрижува. Тоа креира нови исвитоперени вредности и креитериуми кои понатаму само дополнително ќе (ги) ерозираат нашите кревки темели. Ние воопшто не покажуваме интерес за нас самите. Параноично парадираме низ баналните одаи на подпросечноста ноншалантно арчејќи ги деновите. Багателно го наплативме и ефтино му го препуштивме нашиот живот на некој друг, непознат месија.

Па, како да одиме напред? Како да успееме да ги промениме состојбите? Како да креираме нови позитивни вредности? Како, кога и понатаму, на нас фамозните патриоти ни е далеку побитно да добиеме бугарски пасош наместо нашиот пасош да го направиме европски?!

Секоја анализа, коментар или дебата за состојбите овде изгуби смисла. Ние овде ја инсталиравме баналноста и несвесно станавме бесмислени. Станавме смешни и гротескни. Станавме кукли, несреќни.

За месец дена ќе имаме овде избори. Дали загрижувајќи се сериозно за себеси и за својата држава, темелно ќе се обидеме да ги промениме состојбите или ќе останеме трагикомични и бесцелни кукли ќе зависи исклучиво од нас. Другите ниту ќе се загрижат, ниту пак тоа сериозно (ќе) ги интересира!

Пишува: Перо Костадинов

Најнови вести

Најново од Ракурс, Топ Вести

Најчитани вести