Перо Костадинов: Кого мислите дека заебавате бре!?

Ах, колку само убави реформи имаше оваа држава. Ах, колку само убаво си живеевме. Слободно и безгрижно. Праведно и прогресивно. Бевме лидери во речиси сите сфери. Од образование до здравство. Од земјоделие до култура. Имавме економија како пролет расцветана. Ах, само каква полиција имавме, како само таа нежно не мазеше и пазеше. Ах, каков чесен и родољубив Премиер имавме. Сиромавиот тој, работеше дури и 24/7 за да ни обезбеди посветла и побезбедна иднина. Сиротиот тој, не се штедеше воопшто. Реформи. Реформи. Само реформи. Многу реформи. Ах, колку само тендери и проекти останаа нереализирани. Ах, само колку кружни текови и тениски игралишта останаа без сечени ленти свечени. Ах, ах…

Од каде ли се појави масонот од Муртино кој направи пакт со мрачните странски сили и со ѓаволот за да ја продаде оваа напредна држава!? Направени беа пактови и со Сорос и со вонземјаните лично. Федерализација. Кантонизација. Двојазичност. Многу мрачни сценарија се надвиснаа над овој прогресивен народ. Над ова свето и светло парче земја. Ах, јасно! Завидливиот свет сака вакви прогресивни реформи и проекти како нашите. Вакви велелепни патишта, болници и училишта како нашите. Вакви раскошни галии и споменици како нашите. Ах, како само му љубоморат на нашиот величенствен лидер и чесен спасител. СОС, алармот е вклучен! Што да правиме, мора некако државата да си ја обраниме!?

Веднаш на браникот на татковината застанаа тврдокорни гдомови и громови. Речиси втората економија во светот мораше да биде одбранета од нападите на домашните предавници и странските платеници. Од злобата на клетите шиптари. Величенствениот лидер и чесен спасител порача дека слободно можат да го уапсат и да го малтретираат, но државата и нејзината унитарност не смее да биде нарушена.

И така, веднаш за тактовината најмногу ги заболе оние коишто имаа(т) пуштено најтврди и најдолги корени во државната каса и апарат. На браникот експресно застанаа најтврдокорните директори, јавни службеници, бизнисмени, професори и административци. Симпатично и сензуално, на браникот веднаш застана и едно бујно и украсно цвеќе од претседателскиот кабинет, како и редица на новинари, интелектуалци, аналитичари и актери, кои исто како и цвеќето од претседателскиот кабинет со години беа многу “скромно”полевани со квалитетно ѓубре…

Кого мислите дека заебавате бре!? Кого!? Вие коишто со децении сте на државната цицка и коишто ја испокрадовте државата!? Вие коишто секојдневно цицавте од овој народ!? И пари и енергија и иднина. Вие сега треба да ни ја браните државата!? Вие коишто освен десетка со кромид на менито во некоја кафана немате прочитано ништо друго!? Вие коишто десет години ни продававте ветер и магла!? Вие коишто ја иселивте младината, а ја задолживте цела држава!? Вие коишто возите мерцедеси од пола милион евра, додека вашите собраќа не можат да си ги платат сметките за струја и вода!? Вие коишто местевте тендери и мафијашки се богатевте!? Вие коишто убивавте и криевте убиства на сопствените граѓани!? Вие коишто немавте пари за лечење на болни деца, а насекаде намонтиравте мермер и барок!? Вие коишто ја уништивте сопствената држава и иднина!? Вие ли сега неа ќе ја браните!? Вие!?

Никако! No pasaran! Вашата децениска апсолутна деструкција кон сопствената држава и народ е на самиот крај. Наметнатите националистички приказни и фори нема да ви поминат. Не затоа што не се добро осмислени, туку затоа што сте соголени и отркиени. Откриени од вашите собраќа, коишто се сиромашни и болни баш поради вас. Коишто се борат единствено за живот и сакаат живот. Ништо повеќе. И затоа, државата ќе ја одбранат оние коишто вистински ја сакаат. Оние коишто овде ќе творат и создаваат. Со мудрост, ум и љубов. Оние коишто се солидарни и хумани. Оние коишто ќе ги почитуваат различностите и другите. Оние коишто се жедни за промени, нормалност, писменост и прогрес. А, тоа не сте вие! Бидете сигурни!

Пишува: Перо Костадинов

Најнови вести

Најново од Ракурс, Топ Вести

Најчитани вести