Перо Костадинов: Сите системски болести испливаа на површина

Многу прашања после страшната поплава која ни се случи заслужуваат одговор. Можеше ли поинаку? Зошто сите се повикуваат на Господ, а никој не превзема одговорност? Го знаеме ли точниот број на загинати и исчезнати? Како дозволивме претседател на политичка партија така јавно да го понижува целиот државен апарат и целото граѓанство? Како може да не прогласиме неколку неработни денови за побрзо и поорганизирано да превенираме? Како може да се злоупотребува донираната хуманитарна помош? Како е возможно граѓаните да донираат, а власта и понатаму да поставува споменици и тркала? Дали дедо ми кога го врти коленото подобро го прогнозира времето од УХМР? Дали, 3-ти август 2015 година беше пред 1000 години? Дали сме ние нормални?

Поплавата која го зафати Скопје ги исфрли на површина сите системски болести на македонското општество. Всушност, во само еден ден, и покрај сета кал и нечистотија, кристално јасно можевме да ја видиме: и болеста и причинителите. Македонија е нефункционална држава. Во неа не се почитува Уставот. Македонските институции се речиси комплетно узурпирани и скоро без исклучоци пред да им служат на граѓаните одбираат да му служат на груевизмот. Државата ја раководат ЗАЛУТАНИ И НЕПРОГРЕСИВНИ ПОЛИТИЧАРИ кои сопствената тапавост, ограниченост и миопија како заразна болест ја шират насекаде околу нив и малкумина успеваат да останат имуни. Државниот апарат веќе со години упорно само ги лечи и ги ублажува симптомите, наместо да го решава проблемот. Но, невозможно е проблемот да го реши оној којшто го создава, нели!? Тој може проблемот само дополнително да го искомплексира, а дното само дополнително да го продлабочи.

Она што најјасно можевме да го забележиме е дека НЕМАМЕ ФУНКЦИОНАЛНИ ИНСТИТУЦИИ. Институциите на системот веќе со години се во служба на груевизмот и се преплавени од нестручни партиски кадри и полтрони. Наместо истите да бидат алатка за да го олеснат функционирањето на граѓаните тие се носечката арматура на груевизмот. Во вакви инцидентни моменти, како што е поплавата, инстантно на виделина излезе целата неукост, некомпетентност и полуписменост на нашите државни институции. Тие делуваат трагично, а изгледаат трагикомично. Дезинфекцијата и чистењето на истите ќе биде далеку покомплексен и подолг процес, а многу веројатно и ѓаволски тешка работа.

Веќе подолг период сме сведоци на латентното изедначување на партијата со државата. Но, преку катастрофалната поплава дополнително се шокиравме и забележавме дека сепак ПАРТИЈАТА Е И НАД ДРЖАВАТА. Партискиот лидер е над Премиерот, над Претседателот, над раководителите на државните институции. Партискиот лидер одлучува дали, каде и како да се делува дури и во вакви комплексни ситуации. Севишниот лидер тоа го прави јавно, понижувајќи ги сите носители на највисоките државни органи, сите институции и целото граѓанство.

Секој чекор на партискиот лидер е следен од хипнотизирана група на груевистички пропагандисти. ГРУЕВИСТИЧКАТА ПРОПАГАНДА Е МНОГУ СИЛНА и не престанува да го манипулира и меле македонското граѓанство. На поширокиот аудиториум таа му сервира информации кои се креирани во служба на севишниот лидер. Оваа група се движи само во своето допингувано јато, ништо не говори и ништо не прашува. Само повторува, папагалски. Па така, во првите 24 часа по несреќата “топ тема” беше прекинувањето на одморот на севишниот лидер, а не поплавата. Причините за трагедијата не се бараа во системските и во институционалните пропусти и затајувања туку само во природата и Господ. “Вакво невреме се случува еднаш во 1000 години”, трубеа трубадурите. Да, да, така е. Само пред 1000 години, на 3-ти август, 2015 година во Тетово бевме сведоци повторно на поплава, исто така со многу штети и жртви.

Никогаш не смееме да заборавиме дека оваа хипнотизирана група на груевистички попагандисти е еден од најголемите виновници за СТРАШНАТА ВРЕДНОСНА ЕРОЗИЈА И СИСТЕМСКА ДЕСТРУКЦИЈА во македонското општество. Многу повеќе и од самата власт. Оваа група од хипнотизирани медиуми и груевистички пропагандисти е катализаторот на забрзаното ширење на подпросечноста, на криминалот и на злото. Никогаш не смееме да заборавиме на тоа. Никогаш!

ПОРЕМЕТЕНОСТА И ДЕВИЈАНТНОСТА наголемо царуваат во македонското општество. Насекаде околу нас. Па така, додека целото граѓанство се солидаризира, додека странските влади испраќаат своја машинерија и помош, ние со нашата опрема продолжуваме да уништуваме паркови, да градиме панорамски тркала и да поставуваме споменици. Додека граѓанството донира, партиската логистика и оператива “мозга” како да ја злоупотреби и хуманитарната помош…

Што да кажеме повеќе. Или час поскоро ќе го урнисаме “панорамското тркало” или ќе продолжиме и понатаму ноншалантно да се вртиме во круг се до нашето финално распаѓање. Трето нема!

Пишува: Перо Костадинов

Најнови вести

Најново од Ракурс, Топ Вести

Најчитани вести