Пет причини се испречуваат пред 20-те илјади крави на Субрата Рој во Овчеполијата

Во Џумајлија нема доволно земја, вода и сместувачки капацитет за да се одгледуваат најавените крави од страна на индиската конпанија Сахара Груп. За да ги обезбеди сите овие услови на компанијата и требаат многу повеќе пари, но и реализација на инфраструктурни објекти во државна сопственост

Дали агрокомбинатот Џумајлија има капацитет да прифати 20.000 крави? Има ли доволно земјиште за да се произведе сточна храна за толку крави? Како ќе се обезбеди вода за пиење? Може ли за 3 години да се внесат 20.000 крави во земјава? Ова се прашањата кои си ги поставуваат жителите на Овчеполијата по најавата на Владата и индиската компанија Сахара Груп дека на површините на поранешниот комбинат Џумајлија ќе никне една од најголемите фарми на Балканот.

Голема е дилемата која лебди во главите на земјоделските експерти како може да се исфрлаат такви бројки кога никогаш претходно немало ваков проект не само во Македонија туку и во окужувањето.

Од Земјоделско индустриските комбинати во Социјализмот ниту еден немаше набавено повеќе од 500 јунуци за една година, вели извор кој во 80-тите години набавувал млади крави за повеќе земјоделски задруги во Источна Македонија.

Ваквите бомбастични најави се нереални за Борис Анакиев, кој повеќе од 60 години ги проучува економските аспекти на македонскиот аграр.

„Мислам дека ова е неукост и непознавање на нашите услови, не знам кој од Македонија е учествувал во овој проект, но мислам дека бројките се пренадувани. Овчеполието е многу сомнително за добри економски резултати од земјоделството“, вели Д-р Борис Анакиев, поранешен професор на Земјоделскиот факултет во Скопје.

Сомнежи има и кај опозицијата. Ленче Николовска, агроном по професија, долгогодишен агроновинар и претседателка на Комисијата за земјоделие при Собранието на РМ смета дека е потребен огромен простор за да се изградат толкави капацитети.
„Секој што и малку се разбира од земјоделство знае дека за 3 години нема теоретски шанси да се набават 20.000 крави. Нашите најголеми фарми имаат околу 1.000 крави“, додава Николовска.
Сомничави се и високи функционери од поранешниот комбинат ЗИК Овче Поле. „20.000 крави, Овче поле нити е имало нити во блиску време ќе има, вели поранешен директор во ЗИК Овче поле, кој сакаше да остане анонимен.

Ова се мислењата на експертите, дали Субрата Рој ќе ги исполни ветувањата и 20.000 крави од Западно европските земји ќе го најдат својот дом во Овчеполијата остануваме да почекаме да поминат првите три години. Знак на надеж дава фактот што добар дел од површините на поранешниот комбинат Џумајлија се веќе изорани.

Сепак како новинари ќе се обидеме да ги предупредиме бизнисмените од Индија со кои проблеми можат да се соочат при набавката и одгледувањето на 20.000 крави во Овчеполијата.

Превземената земја не е доволна за производство на сточна храна

Земјиштето од 6.000 хектари е премало за прехранување на 20.000 крави. Во Македонија за одгледување на една млечна крава е потребен од 0,6 до 1 хектар, земјоделска површина, и тоа површината да биде наводнувана, односно под систем.
По таа логика за да се прехранат 20.000 крави, неопходно е за македонски услови фармата да располага со површина од најмалку 20.000 хектари, вели Киро Докузовски, последен агроекономист кој бил министер за земјоделие и еден од ретките ако не и  единствен министер за земјоделство за чиј мандат немало земјоделски штрајкови.
Сомнежи за капацитетот на Овчеполијата за прехранување на 20.000 крави има и кај други експерти.
„Не ми се допаѓа и бројот на кравите со површината, во Овчеполијата под овие услови не можат да се одгледуват 2 крави на 1 хектар, а тие дадоа изјава дека 4 крави на еден хектар се доволни, тоа мислам дека не е издржливо“, вели Анакиев.
Ваквите пресметки на индискиот бизнисмен оставаат сомнеж и кај локалните сточари. Петар Ристов сопственик на стадо од Светиниколско вели дека овие пресметки се премногу оптимистички и дека на ниту едно место во Македонија, не може да се одгледува 1 млечна крава со површина помала од 6 декари.
Тој со скепса гледа на пресметката на иднијците дека со површина од 2 до 3 декари ќе можат да прехранат една крава, а шансите да се обезбеди храна за едно грло од земјиште и од неколку хектари што не е под систем за наводнување, се мали.

Производствените можности на Овчеполијата се мали

Овчеполијата е најголема житница во Македонија после Пелагонија, со површина од околу 20.000 хектари. Но за разлика од Пелагонија каде просечните приноси на жито надминуваат 3,5 тони жито по хектар, во Овчеполијата овој просек е околу 2,5 тони.
Исхраната на говедата се состои од две дела и тоа кабаст дел кој најчесто се покрива со луцерка, трева или пченкарна силажа и концентрат кој се прави од јачмен, пченка и други примеси. Концентрираниот дел може да се транспортира, но кабастата храна е многу габаритна и е многу ефтина за да се транспортира и повеќе од 90% од земјоделците ја обезбедуваат од сопствени извори.
„ Кабастата храна, како сено, луцерка силажа мора 100% да ја обезбедите од сопствени извори, оваа е многу ефтина и многу габаритна храна и не се исплаќа воопшто да се транспортира“, појаснува Борис Анакиев.
Ако за исхрана на една млечна крава дневно треба најмалку 7-8 килограми концентрат, каде најмногу застапена е зрнестата храна како јачмен и пченка, тогаш за една крава годишно се потребни околу 3 тони концентрат.

Ако се знае дека во Овчеполијата просечниот принос е околу 2,5 тони жито и пченка по хектар, тогаш е потребно околу 1,2 хектари само да се обезбеди само крместиот дел од храната на кравите.
Покрај концентрат, дополнително треба да се обезбеди кабастиот дел, дали преку хранење со луцерка или преку подготовка на пченкарна силажа. Дневно една крава јаде од 20 до 30 килограми кабаста храна, значи за една година и се потребни од 6 до 9 тони кабаста храна.
Од еден хектар под луцерка или силажна пченка во Свети Николско се добива од
3 до 5 тони кабаста храна, тогаш за да се прехрани една крава е потребна засеана површина од 2 хектари. Кога на ова ќе се додаде и 1,2 хектари за обезбедување на концентрат, тогаш во Овчеполијата за една крава се потребни околу 3 хектари земјиште.
Тогаш математиката покажува дека за 20.000 крави се потребни околу 60.000 хектари што е за 10 пати повеќе во однос на првичната површина од 6.000 хектари што ја зеде Сахара груп од државата.

Нема вода за наводнување на површините од поранешниот комбинат Џумајлија

Земјиштето со кое располагаше Агрокомбинатот Џумајлија е поставено на крајот од магистралниот канал на Хидросистемот Брегалница, и многу мал дел е покриен со вода за наводнување. Најголем дел од овој хидросистем е уништен. А за високи приноси во земјоделството неопходно е површините да се под систем за наводнување.
Според извори од ВП Брегалница од само околу 5% од земјоделската површина со која располагаше АК Џумајлија е наводнуван изминативе 2 години.
„ Оштетувањето на делот на ХС Брегалница во Овчеполијата е големо. Има 8 пумпни станици кои веќе не постојат. Од земјиштето со кое стопанисуваше Џумајлија, под систем за наводнување, дали има 300 хектари, мислам дека нема ни толку. Од Црнилиште до Каратманово имаше 4 пумпни станици сега нема ниту една“, велат познавачи на ХС Брегалница кои сакаат да останат анонимни.
За да се обезбеди вода за наводнување на површините кои се земени под закуп од индијците неопходно е целосна реконструкција на десниот магистрален канал на ХС Брегалница.
Овој канал е долг околу 100 километри од Браната Калиманци до Овчеполското село Каратманово. Според проценките на градежните експерти за реконструкција на овој канал се потребни над од 50 до 100 милиони евра.
„Треба да се изврши реновирање на една делница од магистралниот канал во должина од 7 километри и чини околу 8 милиони евра. Нема теорија да се однесе ваква количина на вода до Каратманово ако не се реконструираат сите 100 километри од десниот магистрален канал“, велат извори на Скуп од ВП Брегалница.
ХС Брегалница е единствениот хидросистем во овој дел на земјава кој има некакви шанси да достави мали количини на вода до Овчеполијата. Новиот ХС Злетовица има 6 пати помал капацитет од ХС Брегалница. ХС Злетовица во втората фаза е предвидено да се наводнуваат околу 4.500 хектари во Пробиштипско и во Кратовско.

МН: Овчеполијата нема доволно вода за пиење за овие крави
Дополнителен проблем за претставниците на Сахара Груп ќе биде и обезбедувањето на вода за пиење на кравите, се жалат сточарите од Овчеполијата.
„Голем проблем е снабдувањето со вода за објектите на млекарницата. Јас имам 60-тина кози и мака мачам како да обезбедам вода за пиење за нив, имам бушотина, ама таа кога има, кога нема вода“, вели Ристов.
Засега од Сахара груп се во потрага за питка вода, која по се изгледа тешко ќе ја обезбедат во Овчеполијата. Тие се интресирале во Јавното претпријатие во Свети Николе, но од таму им посочиле дека тие, инсталации кон селото Лозово, немаат.
Отпаѓа опцијата да фармите на Сахара груп да се снабдуваат со вода за пиење од ХС Брегалница бидејќи првите 50 километри од десниот магистрален канал се откриени и во зима, овој канал може да замрзне.
Единствена опција за обезбедување на здрава вода за напоојување на кравите, засега, индијците ќе имаат во ХС Злетовица. Директорот Михаил Цветков вели дека никој досега не ги контактирал од Сахара груп, но има најава дека во следниот период претставници од оваа компанија ќе побараат средба со него.
„Не знам колкави количини на вода ќе побараат од Сахара груп. Ние како Хидросистем имаме капацитет да испорачаме 100 литри во секунда за водоснабдување на Свети Николе. Засега е искористен околу 30%, така да имаме слободен простор да испорачаме некои количини на вода“ вели Цветков.
Но сепак овие количини на вода ќе бидат мали, бидејќи во летните месеци потрошувачката на вода во Свети Николе достигнува и до 70 литри во секунда, а слободни ќе останат само 30 литри во секунда што е далеку од потребите на една фарма со 20.000 крави.
Дали и како ќе го решат овој проблем од Сахара груп, останува да видиме.

Проблеми околу капацитетот за карантинско чување на кравите

Карантинското чување на увезените говеда може да биде уште еден проблем за инвеститорите од Индија. Според законите на РМ живата стока која се увезува од странство, мора да помине во карантин 40 дена пред да се пренесе во шталите за чување. Кога ќе се испразни одгледувалиштето, мора да се исчисти и дезифицира, што како процес ќе одземе најмалку уште 15 дена до еден месец.
Доколку од „Сахара“ сакаат да внесат говеда мораат да најдат место каде ќе ги чуваат овие говеда.
Според проценките на ветеринарите од Источна Македнија, во овој дел на земјава нема капацитет за карантинско чување на повеќе од 200 крави.
А според темпото и динамиката на внесување на говедата во Македонија треба месечно од 1.000 до 2.000 говеда да бидат увезени.

Во Македонија досега има само една фарма поголема од 1.000 крави, а слободни капацитети за карантинско чување на крави има многу малку, велат ветеринари од Штип кои сакаат да останат анонимни.

Напишано од Горан Лефков

ИЗВОР: Центар за истражувачко новинарство СКООП Македонија

Најнови вести

Најново од Ракурс, Ударни вести

Најчитани вести