Последните месеци, протестите и штрајковите се во мода. Главна инспирација за дизајнот на транспарентите и извиците на учениците и професорите се одлуките на нашите сакани демократски избрани претставници.
Како оној вицот: ,,Која е разликата меѓу педофил и министер за образование? Педофилот ги сака децата.“ Аман, Министре и Владо, ако едните ги казнувате за физичко насилство, зошто никој вас не ве казнува за психичко насилство? Сите оние нови ваши испити, екстремни, извинете – екстерни, се бесмислени. Вам ви е убаво во климатизирани и комфорни канцеларии, но ние, учениците, се потиме пред несоодветно составените учебници и програми за да ги задоволиме вашите идеи.
Ако нѐ оценувате на крај со екстерно, не гледам потреба професорите да нѐ оценуваат во текот на целата учебна година. Нели, вие сте способни преку 30 прашања да го оцените целокупното знаење и психички профил на ученикот, па да му пресудите со оценка. Со сегашната организација, од перспектива на ученик, би ми било подобро да не учам цела година, ќе имам единица, но на крај, ќе добијам петка на екстерно, па ,,лошиот“ професор ќе има намалена плата, а јас никакво образование. Подоцна, ќе станам соодветен работоспособен кадар кој ќе ја носи нашата земја напред.
Наставната програма по одредени предмети е несоодветна за средношколска возраст. Ако веќе сакате да бидиме во чекор со странските земји и нивните државни испити, дозволете ни да ја имаме нивната програма. Верувајте, имаме пријатели од многу земји и знаеме што учат, а не што сакате ние да веруваме дека тие учат.
Кажете ни како да ги почитуваме нашите ученички и човекови права за да го искажеме нашето незадоволство, кога од сите страни нѐ задушуваат? Би започнала со примерот од масовните студентски протести. Улиците на градовите беа исполнети со основци, средношколци, студенти, но и незадоволни родители и постари луѓе. Зошто на последните им се смеевте кога излегоа на протест? А кажувавте дека најстарите се најпаметни.
Учениците што беа на протестот или не беа во моментот на училиште или избегаа од часови. Не е до неоправданиот, отсутна сум и запишете ме, но зошто да се заканувате дека ќе ми намалите поведение ако заминам? Каде е моето право на слободна волја? Во нашето сакано училиште, влегуваше директорот и суптилно се закануваше дека ќе нѐ избркаат од училиштето и ќе добиеме намалени поведенија. Ако одиме на протест, кој сме го организирале самите, тогаш сме биле марионетки на која било политичка партија. Во некои градови, учениците биле заклучувани во училиштата. Ученици во улоги на заложници. Како што нѐ учите, заложничките случаи се противзаконски. Не верувам дека во западните земји, како ценетата Америка, има вакви примери. Ако сме деца и како што објаснувате, лесно може да се манипулира со нас и нѐ фатило тинејџерското беснило, зошто не ни дозволите да прошетаме еден круг со транспаренти и да си го извикаме незадоволството? Или кога вистината ќе се каже, ќе одѕвонува многу гласно во вашите уши што не би издржале кршење на ѕидот од вашите лаги? Не можете да се соочите со над 10.000 извици што татнеа од улиците.
Добро, добро, ние учениците сме мали, но што е со професорите? Тие се постари, па би требало да размислуваат порационално. Ретко кој од нив излезе на протест. Директорите се јавуваат кај професорите и ги уценуваат со нивното работно место ако заминат да го искажат своето мислење на протестот. Хм, возрасните немаат право на слободен избор и мислење? Па ова беше слободна земја во која се залагавме за обелоданување на своите ставови. Истото се случуваше и на последниот штрајк. Но, професорите ја скршија бариерата и штрајкуваа. Ние немавме настава. Не знаевме кои професори штрајкуваат, а кои не. Заминавме на настава. Беа останати 2-3 професори, кои нас не ни предаваат, почекавме и заминавме. Но, некоја убава професорка затекнала неколку ученици на патот и ги вратила во училиштето, каде што го запишала целиот клас со директен неоправдан во дневникот. Добро, отсутни бевме. Ама објаснете ми ве молам, како ние да знаеме кој професор штрајкува, а кој ќе одржи час? На барањето да ни кажат, никој не одговори. Зар треба да седиме со часови врзани во училниците за тесните и неудобни клупи, чекајќи да влезепрофесор? Пак ли да бидеме заложници? Можеби и ќе заминеме со потрошено време и наведнати глави дома, изморени од чекање 6 часа. Времето никој не го враќа, но за да ги одработат часовите, нас ќе не ,,вратат“ во клупите во сабота. Кога очекувате со таа програма и толку тежок материјал, испитувања и обврски, ние да научиме сѐ во еден ден, кога најчесто не ни стигнува ни цел викенд? Па, Министре и Владо, мислам дека и вие бевте некогаш средношколци и студенти, нетрпеливо го очекувавте викендот и слободното време за дружење со пријателите, трчавте по девојки и момчиња. Или тоа го заборавивте, пораснувајќи сте станале роботи на еден систем. Не сакаме да сме роботи, сакаме да ги искажеме своите ставови, како ученици и професори.
Дали би сакале драги демократски избраници, да седнете со нас учениците на едно кафе, да поразговараме. Ние би ве прашале само едно: Дали воопшто ви е грижа за нас или важно ви е само новчаниците да ви се дебели?
Ученик од гимназијата Јосип Броз Тито – Битола
извор: студентско списание „Излез“


