Протестот на градинарите од Струмичко околу ниските откупни цени на зелката, доматите и краставиците уште еднаш го отвори најголемиот проблем на земјоделците, а тоа е нерешениот, стихиен пласман на земјоделските производи.
Како по правило, изминативе неколку години, сезоната на ниски откупни цени ја отвараат градинарите и сточарите со ниската откупна цена на јагнето, потоа на ред се поплаките на поледелците за ниската цена на пченицата, па ги гледаме сликите од фрлање на праски во Црна, потоа се гази бостан во Гевгелиско, во септември сведочиме на разочарувањето на лозарите, и крајот на годината ја одбележуваат тутунопроизводителите кои се жалат на нереалните проценки на тутунот.
Вака беше лани, вака некако изгледа една земјоделска година ако се гледа преку најмачната работа за земјоделците, а тоа е продавањето на родот.
Нивната нервоза и беспомошност кога ќе дојде ред да го валоризираат трудот е оправдана. Да произведеш и да нема на кого да му го продадеш родот или да го дадеш без пари е несфатливо и неправедно и зборува за немањето стратегија и план што се произведува во Македонија.
Владата до сега овој голем проблем на земјоделците го „решаваше“ на перфиден начин, секогаш обинувајќи некој друг, или се тоа откупувачите или трговците, без притоа да покаже и малку одговорност. Во ова најмногу и помагаа таканаречените лидери на земјоделците кои намерно бесот на производителите го насочуваа кон винариите, млекарниците, мелничарите и ги држеа понастрана од Илинденска бб.
Но Владата е таа која што ги создава условите за стопанисување и токму затоа не може да се тргне настрана со образложение дека е ова пазарно време и не може да влијае врз правните субјекти односно приватните дирми. Какво е тоа пазарно време во кое земјоделците произведуваат со скапи репроматеријали, и при тоа се незаштитени од трговците и откупувачите кои не им плаќаат со години, а државата не ги санкционира?
Прво Владата е таа која треба преку правилна политика треба да овозможи поефтини репроматеријали, како нафта, семе, заштитни средства и ѓубрива со што ќе ги намали производните трошоци на пченицата, млекото, грозјето или доматите. На овој начин, на старт домашните земјоделски производи ќе бидат поконкурентни на домашниот и странските пазари. Пример со пченицата, ако земјоделците имаат 50% поефтина нафта и 30% поефтини ѓубрива и заштитни средства, производната цена ќе им биде пониска за 2 денари по килограм, а со тоа ќе им одговара и на мелничарите.
Потоа со поголема контрола на она што влегува од увоз и со спречување на шверцот во кој сигурно учествуваат луѓе и фирми блиски на власта, може да се спречи нелојалната конкуренција на домашните производители. За ова има големи реакции од производителите на раноградинарски култури кои со факти докажуваат дека не може цената на увозните краставици и домати да бидат поефтини од домашните кога за истите има и висока царина, а трговците плаќаат и транспорт. Ете барем на ваквите реакции владата не може да се прогласи за ненадлежна. Но гледаме дека ништо не се превзема.
И најпосле, ако веќе земјоделците имаат проблем со пласманот се знае дека нивниот проблем треба да биде проблем на државата. Едноставно, не може да субвенционираш производство, а да не ти е грижа дали ќе се продаде. Српската влада има годишен фонд од 20 милиони евра со кој реагира на пазарот доколку дојде до нереално паѓање на продажната цена под производната. Руските и Американските искуства се уште по ригидни, таму ако треба ќе ги фрлат производите но важно е земјоделецот да земе пари за да може да насее или насади следната реколта.
Потоа не може да стои настрана владата и да го остави така земјоделецот кога во Министерството за земјоделство има цел сектор за маркетинг и промоција, а тука се и промоторите, односно нашите амбасадори кои можат да помогнат во изнаоѓање на пазари.
И најважно согласно Законот за земјоделство и рурален развој, Владата на предлог на министерот може да изврши интрвентен откуп на земјоделскиот производ и на тој начин да го стабилизира пазарот. Оваа реакција треба биде одговор кога земјоделците ќе алармираат за откупна цена која пониска од производната. Познавајќи ги кај нас состојбите тоа многу често им се случува поради уцената и договарањето на 5-6 трговци кои заеднички одлучуваат неколку дена да не откупуваат. На тој начин им вршат притисок на земјоделците да го дадат родот по ниски цени бидејќи нема каде да го чуваат. Земјоделците во овој случај немаат никаква заштита од државата. Сериозна влада и овде реагира и тоа преку најефтината мерка, преку поддршка за складирање за производи, исто така согласно Законот за земјоделство и рурален развој. На овој начин земјоделците нема да бидат препуштени на милост и немилост кај трговците туку ќе имаат време за договарање на цената.
За било која од мерките кои и стојат на располагање на владата се потребни пари, но тие повторно ќе се вратат во буџетот откако ќе се продаде земјоделскиот производ.
Знаејќи колку можности има владата за да им помогне на земјоделците, а тоа не го прави свесно бидејќи не ја интересира земјоделското производство, уште по жал ми е кога ги слушам земјоделците како се откажуваат од субвенциите само да има пласман.
Нивната изјава „Нека не ни даваат субвенции само да имам пласман“ е погрешна но најпоразителна потврда за состојбата во која се наоѓа македонскиот аграр.
Земјоделците треба конечно да сватат дека субвенциите се државна мерка која мора и треба да ја добиваат за да бидат конкурентни на домашниот и странските пазари, бидејќи сите други земји во регионот и во ЕУ имаат ваква државна поддршка за нивното земјоделско производство.
Но земјоделското производство не се само субвенциите, особено не вака како што ги добиваат нашите земјоделци, селективно и само пред избори. Земјоделското производство мора да се следи, да се прогнозира и да се реагира на време.
Сведоци сме дека ништо од ова не се прави. Имаме систематско уништување на македонскиот аграр и се поголемо откажување на земјоделците и напуштање на површините кои се обработуваат, а Македонија станува опасно зависна од увоз на храна кој од 2006 година од 360 милиони евра и покрај субвенциите е дуплиран и сега изнесува над 700 милиони евра и тоа за производи кои можеме без проблем, со добра стратегија да ги произведеме дома.
За жал, за оваа влада земјоделците се само ливчиња во гласачка кутија. Уцените и заплашувањата со парите кои им следуваат со закон ја запечатија судбината на домашното производство на храна кое е важно за сите граѓани на Република Македонија, а секоја година се повеќе го губиме.
Колумна на Ленче Николовска објавена во Слободен печат


