Триесет и осум девојки на возраст од 18 до 30 години открила и привела полицијата при синоќешната акциска контрола на два угостителски објекти, еден во Тетово и еден во гостиварско Чегране. Од приведените, 36 се албански државјанки, една е од Бугарија и една е македонска државјанка, информираше денеска портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифовски.
Според неговите информации, контролата била спроведена синоќа почнувајќи од 23 часот до 2 часот по полноќ при што биле проверени гостителските објекти „Бели девет“ во Тетово сопственост на тетовецот З.А.(45) и „Нота“ во Чегране сопственост на А.Ш.(45) од истото село.
– Во првиот случај во „Бели девет“ биле затекнати 26 женски лица од кои 25 биле од Албанија и една македонска државјанка додека при контролата на „Нота“ биле откриени 12 странски државјанки при што 11 биле од Албанија и една од Бугарија. Сите тие се приведени од полицијата и по докуметирањетои на случајот се предадени на одделот за странци и реадмисија со цел да се утврди дали легално претстојувале на подрачјето и поединостите за нивниот работен ангажман, рече Јосифовски.


