За да може да аплицирате за субвенции и други мерки на МЗШВ, мора да бидете запишани, евидентирани во Единствениот регистар на земјоделски стопанства (ЕРЗС). Оваа постапка се реализира во Подрачните единици на МЗШВ во општината каде што се водите по лична карта, информира Агротим.
Во продолжение ви го пренесуваме Член 15 од Законот за земјоделство и рурален развој кој се однесува на ЕРЗС.
Единствен регистар на земјоделски стопанства
Член 15
(1) Министерството води единствен регистар на земјоделски стопанства (во натамошниот текст: ЕРЗС).
(2) Во ЕРЗС задолжително се запишуваат земјоделски стопанства кои:
1) бараат остварување на правото за користење на средства од мерките согласно со овој закон и
2) се запишани во регистрите формирани согласно со законите од областа на земјоделството, сточарството, рибарството и аквакултурата, ветеринарството, безбедноста на храна и здравје и заштита на растенијата.
(3) За потребите на водењето на ЕРЗС, Министерството во согласност со прописите за заштита на личните податоци, може да обработува лични податоци на членовите на семејните земјоделски стопанства (име и презиме, место и адреса на живеење) вклучително и единствениот матичен број.
(4) Основа за водење на ЕРЗС и неговото поврзување со други регистри е единствениот идентификациски број на земјоделското стопанство (во натамошниот текст: ИДБР).
(5) ИДБР се одредува при упис на земјоделското стопанство во ЕРЗС при што на едно земјоделско стопанство му се доделува еден ИДБР.
(6) Употребата на ИДБР е задолжителна во сите регистри формирани согласно со закон.
(7) Носителот на семејно земјоделско стопанство и членовите на семејното земјоделско стопанство се семејно поврзани и може да се запишат само во едно семејно земјоделско стопанство во регистарот од ставот (1) на овој член.
(8) Носител на семејно земјоделско стопанство е член на семејното земјоделско стопанство кој е овластен од другите членови на семејното земјоделско стопанство.
(9) Местото на живеење на носителот и членовите на семејно земјоделско стопанство задолжително е на иста адреса на живеење.
(10) Во случај кога адресата на живеење е и седиште на правно лице носител на земјоделско стопанство се запишува едно земјоделско стопанство во регистарот од ставот (1) на овој член.
(11) Едно правно лице може да е запишано како носител на едно земјоделско стопанство.
(12) Доколку едно правно лице носител на земјоделско стопанство учествува во сопственичка структура на друго правно лице носител на земјоделско стопанство, односно постои капитална поврзаност меѓу правни лица носители на земјоделски стопанства, во ЕРЗС се запишуваат како едно земјоделското стопанство.
(13) Носителот на земјоделското стопанство е обврзан секоја промена на податоците во ЕРЗС да ја пријави во Министерството во рок од 15 дена од настанатата промена.
(14) Барање за промена на податоците во единствениот регистар на земјоделски стопанства може да поднесе и друг овластен член на семејното земјоделско стопанство од редот на наследници на земјоделскиот имот на семејното земјоделско стопанство во случај на смрт на носителот на семејното земјоделско стопанство.
(15) Барање за промена на податоците во единствениот регистар на земјоделски стопанства за земјоделско стопанство чии носител е правно лице може да поднесе овластеното лице на правното лице – носител на земјоделското стопанство или овластен застапник на правното лице – носител на земјоделското стопанство.
(16) По исклучок од ставовите (12), (13) и (14) на овој член, промена на податоци во ЕРЗС може да се врши врз основа на податоци од инспекциски надзор на Државниот инспекторат за земјоделство, извршена контрола од Агенцијата врз основа на примени барања за користење на средства согласно со овој закон, извршена контрола од Агенцијата за храна и ветеринарство и врз основа на податоците од Интегриран систем за администрација и контрола.
(17) Министерството издава решение за запишување и решение за бришење од ЕРЗС.
(18) За промена на податоците во ЕРЗС Министерството издава ново решение за запишување во ЕРЗС.
(19) Содржината и формата на решението за запишување во ЕРЗС и решението за бришење од ЕРЗС ги пропишува министерот.
(20) Министерот ги пропишува видот на податоците, постапката и начинот за запишување и доделување на ИДБР и за промена на податоци и бришење, содржината и формата на обрасците и потребната придружна документација за запишување, промена на податоци и бришење и начин и рок за ракување, употреба, објавување и чување на податоците од ЕРЗС.
(21) Податоците од ЕРЗС се објавуваат во збирна форма, особено по земјоделски култури, по големина на земјоделски стопанства, по општини и на ниво на Република Македонија.
(22) Право на увид во податоците од ЕРЗС има носителот на семејното земјоделско стопанство или друг овластен член на семејното земјоделско стопанство или овластено лице на правното лице – носител на земјоделското стопанство или овластен застапник на правното лице – носител на земјоделското стопанство во секое време по претходно поднесено барање до Министерството или со електронски пристап на овие лица по претходно добиен кориснички пристап од Министерството.
(23) Во согласност со прописите за заштита на личните податоци, заради договорно уредување на правата и обврските за користење на вода за наводнување и пасишта во државна сопственост, податоците од ставот (3) на овој член може да се употребуваат од страна на водостопанствата и водните заедници основани согласно со Законот за водостопанство и Законот за водните заедници, како и од страна на Јавното претпријатие за стопанисување со пасишта во државна сопственост.
(24) Министерството е должно личните податоци од ставот (3) на овој член да ги чува пет години по престанокот на потребата од обработка на личните податоци на членот на семејно земјоделско стопанство.
Извор. Закон за земјоделство и рурален развој (ЗЗРР).
Повеќе информации од областа на земјоделството на АГРОТИМ


