Холивудската двојка Кира Сеџвик (57) и Кевин Бејкон (65) за многумина се пример за љубов бидејќи во брак се 35 години, поточно од септември 1988 година. Љубовта помеѓу нив се уште трае и се уште е видлива.
„Отсекогаш знаевме дека сме како едно. И двајцата бевме свесни дека без разлика што и да се случи нашето е засекогаш, па и кога се каравме не беше толку лошо“, изјави Кира за нивната врска.
Иако нивната љубов изгледа како бајка, наеднаш стана необична приказна. Имено, покрај тоа што ги поврзува длабока љубов, излегува дека тие двајца имаат и исти гени, а тоа го открија по 23 години во брак.
Во 2011 година, Кира и Кевин учествуваа во шоуто „Во потрага по корените“, во кое анализите покажаа дека се братучеди, во деветата генерација, односно дека Кира е далечната роднина на Кевин. На тоа „братучетката“, одговори дека не е била изненадена од тој факт.
Во 2009 година, парот изгуби многу пари бидејќи се нашле во скандал со Понзи шема. Тие инвестирале во финансиската измама на Берни Медоф и наводно изгубиле 30 милиони долари, но Бејкон никогаш не го потврди ова.
„Успеавме досега, нашите деца се здрави, ние сме здрави. Ако видиме што имаме, добро е“, изјавил актерот во една прилика за тешката ситуација во која се нашле и научиле да ги ценат и нематеријалните нешта. Тие се преселиле од Холивуд на фарма во Конектикат, каде живеат идиличен живот, а видеа од нивното секојдневие споделуваат на социјалните мрежи.
Тие особено сакаат да пеат заедно со нивните кози. Видеата на кои пеат со козите се толку чести што јавноста почна да ги препознава токму по тоа.


