Премиерот Заев од Форумот за енергетика: Ја правиме првата енергетска транзиција во регионот, како пример за земјите од Западен Балкан

Премиерот Зоран Заев со воведно обраќање го отвори дводневниот „Македонски енергетски форум 2021: Мапирање на енергетската иднина“. Покрај премиерот, воведни обраќања на Форумот имаа и американската амбасадорка во земјава Кејт Мари Брнз, шефот на Делегација на Европската Унија во Скопје, Дејвид Гир и директорот на ЗИП Институт, Агим Селами.

На Форумот учествува и министерот за економија Крешник Бектеши, кој е говорник на панелот насловен „Придонесот на Западен Балкан кон Зелениот договор на Европската Унија”.

Предвидено е на Форумот да се одржат засебни панел-сесии на кои креаторите на политиките, лидерите на енергетските компании и експерти од оваа област од целиот свет ќе дискутираат за важноста на енергетиката, како и за предизвиците на одржливиот развој.

Форумот традиционално се одржува четврта година по ред во организација на ЗИП Институтот, Владата и Амбасадата на САД во земјата.

-Верувам дека и од годинешниот Форум, ќе произлезат заклучоци кои ќе дадат придонес за зголемување на инвестициите во енергетиката. Токму еден од приоритетните сектори на кои се фокусира Владата, се вложувањата во енергетскиот сектор. Нашите заложби се насочени кон зголемување на интересите на инвеститорите во енергетиката со понуда на алтернативни решенија во поглед на геостратегиските енергетски позиции“, рече Заев во своето обраќање.

-Дополнително, посветено работиме на преминување кон извори на чиста енергија преку примената на еколошките извори на енергија: вода, сонце и ветер се со цел постепено намалување на употребата на јагленот како извор на енергија.

Токму поради ова донесовме нова легислатива усогласена со ЕУ директивите, нов начин на поддршка на инвестициите во фотонапонски централи и ветерници, кои веднаш беа препознаен од страна домашните и странските инвеститори кои веќе ги завршуваат своите фотонапонски електрани добиени на првите транспарентни и конкуренти постапки за доделување на премиуми.

Ние сме земја на сонцето, тоа сите го знаеме, за жал во минатото истото не било искористено соодветно, меѓутоа сега во последните 3,4 години, во фаза на градба се веќе 60 мегавати на фотонапонски електрани по пат на премиум тарифи, и 100 мегавати во Осломеј по пат на јавно приватно партнерство кој ќе го заменат РЕК „Осломеј“, рече Заев.

Тој најави дека првата фотонапонска електрана на „ЕСМ“ во Осломеј од 10 мегавати до крај на октомври годинава ќе биде готова.

-Донесовме Закон за стратешки инвестиции, за големите инвеститори да ја препознаат заложбата на Владата и да бидат похрабри во донесувањето на одлуки за инвестирање во Република Северна Македонија. Веќе неколку сериозни инвеститори доставија официјални проекти за стратешки инвестиции како што се „WPD“ од Германија за изградба на 415 мегавати ветерна електрана,  „EFT Group“ за изградба на 80 мегавати фотонапонска електрана, неколку сериозни инвеститори искажаа интерес за инвестирање во големи енергетски инфраструктурни објекти како што се „Митилинеос“ од Грција, „Akuo Energy“ од Франција, проекти вредни стотици милиони евра, рече Заев.

https://www.youtube.com/watch?time_continue=2&v=6rwCm3OHAjI&feature=emb_title

-Со помош на Европската делегација во Скопје се работи на дијагноза за праведна транзиција на јаглените региони во Северна Македонија, која треба да биде од економски и социјален тип, која ќе ни даде патоказ како успешно да ја направиме енергетската транзиција, бидејќи таа нема да биде успешна ако не биде праведна. Во таа задача очекуваме огромна помош од Европската комисија како и од Енергетската заедница, преку нивните финансиски програми за поддршка на инфраструктурни проекти. Денес, тука со нас се и нивните претставници и сакам лично да им ја пренесам мојата порака дека ќе го следиме патот на исполнување на Зелениот договор на ЕУ, очекуваме ваша поддршка за заеднички да ја исполниме зацртаната цел, рече Заев.

-Хидроелектраната „Чебрен“ е исто така најзначаен проект кој е клучен за успешна енергетска транзиција и за реализацијата на најавените инвестиции во обновливи извори на енергија, фотонапонски и ветерни електрани. „Чебрен“ треба да ја даде потребната сигурност на електроенергетскиот систем на Северна Македонија и на регионот.

Започна втората фаза, во која има 9 сериозни европски и светски компании. Се надевам дека до почетокот на наредната година ќе го потпишеме Договорот со најуспешниот понудувач и конечно после серија неуспешни тендери, овој проект ќе ја доживее светлината на денот.

Само овој огромен енергетски проект вреди 700 милиони евра, а овој пат е осигурена неговата успешност, изјави Заев и додаде дека проектите на кои се работи како ТЕЦ „Неготино“ , „Waste to Energy“, „Zoka Energy Solution“, се преку 400 милиони евра.

-Во услови на здравствено-економска криза предизвикана од КОВИД-19,  покрај справување на ефектите од пандемијата, Владата и економските ресори прават максимални заложби и ја следат состојбата во што најмногу се вложува во светот. Токму енергетиката и енергетската ефикасност, заедно со дигитализацијата и сите други високи современи технологии се иднината на развојот, истакна Заев.

-Сакам да напоменам дека пред нас се бројни предизвици, национални и регионални кога станува збор за приклучувањето кон глобалната енергетска транзиција, новите технологии во обновливите извори, енергетската ефикасност, гасификација, но тоа се неизбежни инвестициски процеси кои носат бенефит на долг рок, рече Заев.

-Примена на обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност се дел од рамките за реализација и на Зелениот договор на Европската Унија кој има јасна цел – климатски неутрална и поотпорна Европа до 2050 година. И нашата земја го поддржува Европскиот зелен договор за одржлива економија преку претворање на климатските и еколошките предизвици во можности и правење на транзиција, праведна и инклузивна за сите, рече Заев.

https://www.youtube.com/watch?v=0HgkO6k5uoI&feature=emb_title
]]>

Најнови вести

Најново од Економија, Ударни вести

Најчитани вести