лудилото , како она на поглаварот на Исламската верска заедница Сулејман Реџепи, а што всушност беше реакција на пост на Реџепи на Фејсбук во кој им се сити на жртвите од 2001 година, Ангелов добил порака на Фејсбук од Агрон Војника, шеф на кабинетот на Поглаварот на ИВЗ. Ангелов во писмено соопштение до медиумите ја испрати оваа порака, како и одговорот на неа. Соопштението ви го пренесуваме во целост. Бидејки пораката е потпишана од официјално лице, содржи тешки обвинувања и квалификации за мене и претпоставувам дека е објавена во медиумитe на албански јазик, Ви ја пренесувам во целост, заедно со мојот одговор. Г-дине Ангелов, Вие немате никакво право- ниту етичко а уште помалку интелектуално да осудувате некого за изјава со говор на омраза, а самите ширите говор на омраза, бидејќи како прво, вашата осуда е базирана на еден превод кој е многу тенденциозен и сигурно извршен по потреба а не по струка. Како второ: Реисот не направил никаков повик за некој линч, туку ги информира и потсетува муслиманските верници на учењето од Куранот дека сите што ставиле рака на Божји објект- Божји храм, ќе ги стигне казната Господова- кој не прави разлика дали храмот е црква, џамија или синагога. Како трето, со каков образ се обраќате до албанскиот народ, кога вашите раце до лакти се извалкани со нивна крв. Авторитетот на Реисул Улема на овие простори во Република Македонија се гради повеќе време од колку што вие имате години и тешко дека ќе го урнете вие и слични на вас. А уште помалку ќе ги скарате луѓето. Агрон Војника, шеф на кабинет на поглаварот на ИВЗ Г-дине Агрон Војника, Во вашата порака до мене тврдите дека немам никакво право, ниту етичко а уште помалку интелектуално, да осудувам некого за изјава со говор на омраза кога јас самиот сум ширел говор на омраза. Делот во кој тврдите дека немам етичко и интелектуално право да ја осудам изјавата на Вашиот верски лидер нема да го коментирам. Граѓаните нека проценат сами. И Македонци и Албанци, и сите останати. Исто така, оставам на македонските граѓани да проценат кој шири говор на омраза. Дали јас или Вашиот верски лидер. Г-дине Војника, Во пораката тврдите дека мојата осуда е базирана на еден превод кој е многу тендециозен и сигурно извршен по потреба а не по струка. За да нема дилеми. Преводот кој го користев во мојот повик до сограѓаните Албанци за осуда на изјавата на Вашиот Поглавар е истиот превод кој беше јавно објавен и го користеа сите македонски медиуми. Во мојот текст јас го користев следниот превод: “Почитувани браќа муслимани, оваа е Чаршиска Џамија во Прилеп, која во 2001 година ја запали група од 30 лица. Сите тие беа казнети со смрт од величенствениот Алах, многу од нив меѓусебно се ликвидираа, а пред некое време четворица го загубија животот во сообраќајки, предпоследниот вчера со мотоцикл, а последен од нив, како што изгледа, останува и Марјан Ристески, кој ќе се соочи со казната од Семоќниот Алах.“ Вашиот официјален превод, кој ми го доставивте во инбокс на ФБ, гласи: “Почитувани муслимански браќа. Ова е џамијата во Прилеп која беше запалена во 2001. Групата од 30 лица беше осудена од Алах Семоќниот. Најголем дел од нив беа убиени, а последниот загина вчера со моторцикл во сообраќајка. Изгледа дека остана само Марјан Ристовски да се соочи со казната на Алах Семоќниот“. Г-дине Агрон Војника, Јас навистина не гледам некоја значајна разлика помеѓу овие два превода. И во овој, ваш, официјален превод наместо да изрази жалење, вашиот Поглавар е задоволен од човековата несреќа, се радува на човековата смрт. Се радува на смртта на 30 луѓе, смртта на 30 Македонци, вклучувајки и смрт на млад човек кој загина во тешка сообраќајна несреќа! Барем така јас ја доживувам неговата изјава. Понатаму, тврдите дека вашиот Поглавар не направил никаков повик за нечиј линч туку ги информира и потсетува муслиманските верници на учењето од Куранот дека сите што ставиле рака на Божји Објект – Божји Храм ќе ги стигне казната Господова – без разлика дали храмот е Црква, Џамија или Синагога. Г-дине Агрон Војника, И во користениот и во Вашиот превод, Поглаварот на ИВЗ им укажува на следбениците дека останал само еден преживеан кој ќе мора да се соочи со казната на Алах. Како што може да се види од неговите зборови, казната на Алах е ниту повеќе, ниту помалку туку – смрт. Смрт на последниот преживеан. Смрт на градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески. Г-дине Војника, Од каде пак Вие знаете дека оваа изјава нема да мотивира или да охрабри некој Ваш поекстремен верник да му помогне на Алах? Да му помогне на Алах, Марјан Ристески побргу да се соочи со Него. А Вашиот Поглавар убаво објаснува што значи соочувањето со Алах. Ни повеќе, ни помалку туку – смрт! Затоа, оваа изјава, изјава на еден духовен великодостојник, изјава на еден верски поглавар, поглавар кој повеќе од сигурно има огромно влијание врз верниците од неговата заедница, ја доживувам како индиректен повик за линч! Како индиректен повик за убиство на градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески! Од друга страна, зошто Вашиот Поглавар и Вие не се запрашате зошто и кога е запалена џамијата во Прилеп? Зарем прилепчани така, со ништо непредизвикани, излегле од дома, отишле и ја запалиле џамијата??? Зарем еден, за нас Македонците страшен, трагичен настан, во кој од заседа беа убиени и изгорени 10 прилепски бранители, не може да предизвика ерупција на гнев и бес? Во третиот дел ме прашувате, со каков образ сум се обраќал до албанскиот народ кога моите раце до лакти биле извалкани со албанска крв? Г-дине Агрон, Мојот занает предвидува институционална употреба на сила и оружје за одбрана на македонската држава и македонските граѓани. Во 2001-та јас се борев против УЧК исто како што УЧК се бореше против мене и моите соборци. Без притоа да размислувам дали униформите на УЧК ги носат Албанци, Арапи, Муџахедини… Со една огромна разлика. Во 2001-та јас се борев за Македонија. А УЧК се бореше против Македонија. Во 2001-та јас ја бранев мојата татковина а УЧК ја напаѓаше обидувајќи се да отцепи дел од нејзината територија. Во 2001-та, ниту јас, ниту моите соборци не ги започнавме убивањата. Убивањата ги започнавте Вие, убивањата ги започна Вашата УЧК!!! УЧК во 2000 година на влезот во Арачиново уби тројца мои пријатели и колеги, УЧК во јануари 2001 година го уби полицаецот Момир Стојановски додека си ја вршеше својата должност во ПС Теарце. УЧК продолжи да убива, уби и осакати многумина мои соборци и цивилни лица. Затоа, никогаш не заборавајте кој прв започна!!! Во борбите низ македонските боишта веројатно имам погодено некој припадник на УЧК. Исто како што во Арачиново припадник на УЧК ме погоди мене. Никогаш немам пукано ниту на друг начин сум повредил цивилно лице. Ниту Албанец ниту Македонец. Затоа, велам, моите раце се чисти. На самиот крај од вашата порака тврдите дека е тешко да се урне авторитетот на Вашиот Реисум Улем и дека немало да успеам во мојата намера да ги скарам луѓето. Г-дине Војника, Мојата намера не е ниту да го урнам авторитетот на Вашиот Реисум Улема, ниту да ги скарам македонските граѓани!!! Напротив, со моите постапки јас можам да го зголемам авторитетот на вашиот Реисум Улема но само доколку ја сфати сопствената грешка и јавно им образложи на македонските граѓани што подразбира под тврдењето дека “обединувањето на албанските земји е Божја волја, и затоа ние имаме обврска да ги вратиме така како што биле порано. Обединување на силите на албанскиот народ на сите нивоа ќе стане реалност, а Албанија ќе има единствена граница, таа која ја создал Бог“ и само доколку им се извини на македонските граѓани, на семејствата на 30-те загинати и починати прилепчани како и на градоначалникот Марјан Ристевски. Сосема за крај, никогаш не сум сакал, ниту сега сакам, да ги скарам македонските граѓани! Затоа опоменувам и се борам против говорот на омраза кој доведе до пролевање на крв а крвта, г-дине Војника, не е ни македонска, ни албанска, ни српска, ни бугарска, ни грчка… Крвта е – човечка! Затоа, ќе бидам горд доколку успеам, заедно со Вашиот Реисум Улема да допринесам за крај на говорот кој шири меѓуетничка омраза во Македонија!!! 21.02.2014 година Генерал Ангелов]]>


