Дојчиновски: Мицкоски сака водата и струјата на граѓаните да ги продаде за профит на странски дата центри

Мицкоски и ВМРО-ОКГ сакаат да ги продадат водата и струјата на граѓаните за интереси на странски дата центри и сопствени тендерски профити.

Мицкоски и ВМРО-ОКГ инсистираат на големи комерцијални дата центри во Македонија, и покрај сериозните ризици кои ги носат овие проекти и и покрај примерите од светот каде градовите и државите се откажуваат од нив.


Мицкоски повторно гледа за себеси во големите тендери – во градежништвото, инфраструктурата и „придружните“ услуги.


Јавните ресурси се пренасочуваат кон приватни џебови, а граѓаните остануваат да плаќаат повисоки сметки.


Иако дигиталната трансформација е важен приоритет, привлекувањето на хипер-скала дата центри претставува непропорционален стратешки ризик за нашата земја.


Овие објекти трошат екстремни количини електрична енергија и чиста вода, додека економскиот поврат (вработување и даночни приходи) е минимален.


Еден голем дата центар троши меѓу 1 и 3 милиони литри питка вода дневно, колку што троши град со 15.000 до 30.000 жители.


Во услови на климатски промени, суши и воден стрес, ова директно ќе доведе до рестрикции за домаќинствата и земјоделството.


Нашиот енергетски систем е веќе ранлив. ЕСМ работи со загуби и застарена технологија, МЕПСО има проблеми со балансирањето поради соларниот бум, а ЕВН се соочува со раст на пазарните цени.


Додавањето на масивни 24/7 потрошувачи ќе ја зголеми зависноста од увоз, ќе ги покачи сметките за струја за граѓаните и ќе ја загрози стабилноста на мрежата.


Вработувањето е исто така разочарувачко, само 25 до 50 директни работни места по објект, со поголемиот дел од управувањето на „remote“.


Ова не е развој, туку создавање на „изолирани острови“ кои црпат ресурси, а профитот го извезуваат надвор.


Светот веќе реагира:


•  Во Холандија, Meta го откажа големиот проект во Zeewolde поради отпор од граѓани и фармери заради огромна потрошувачка на енергија и влијание врз земјоделството.


•  Во Ирска, владата воведе мораториум на нови дата центри околу Даблин до 2028 година, бидејќи тие трошат над 20% од електричната енергија на земјата.

•  Во САД (Аризона, Вирџинија, Мисури и др.), десетици проекти во вредност од десетици милијарди долари се блокирани или откажани поради недостиг на вода, раст на сметките за струја и уништување на локалната средина.


СДСМ бара:


•  Мораториум на изградба на нови комерцијални дата центри кои користат системи со испарување на вода.


•  Доколку се дозволат помали проекти за државни потреби, инвеститорите да бидат законски обврзани на исклучиво воздушно ладење без потрошувачка на вода и сопствено производство на енергија со соларни паркови и батерии, без повлекување од националната мрежа.


Јавно ги повикуваме Мицкоски и ВМРО-ОКГ да ја прекинат оваа неодговорна политика и да ги стават интересите на граѓаните и одржливиот развој на прво место, наместо своите тендерски и провизиски интереси.

Прес конференција на СДСМ, Кристијан Дојчиновски

Најнови вести

Најново од Македонија

Најчитани вести