Приведени две лица осомничени за физички напад и пукање од огнено оружје

Две лица од Струга и струшко се лишени од слобода поради обид за убиство на 52-годиен жител од Џепиште, соопшти денеска СВР Охрид.

Според информацијата, полицијата ги лишила А.К.(29) од Струга и Л.К.(34) од село Велешта за убиство во обид.

– Вчера во 23 часот, полициски службеници од ОВР Струга го лишија од слобода А.К.(29) од Струга, а денеска околу 11 часот го лишија од слобода Л.К.(34) од струшкото село Велешта во врска со кривично дело „убиство“ во обид по член 123 став 1 во врска со член 19 од Кривичниот законик, појасни портпаролот Стефан Димоски.

Лицата, како што е наведено, претходно на улица „ЈНА“ во Струга, со метални предмети ги нападнале Б.А.(52) и 17-годишно лице, двајцата од дебарското село Џепиште, по што Л.К. со пиштол испукал неколку куршуми кон Б.А. и избегал.

– По преземени мерки, двајцата се пронајдени и лишени од слобода. Повредениот, со возило на Итната медицинска помош е пренесен во Општата болница во Струга каде се констатирани тешки телесни повреди, изјави Димоски.

По целосно расчистување и документирање на настанот, ќе бидат поднесени соодветни пријави. 

МИА

Најнови вести

Најново од Хроника

Најчитани вести