Кулминација на апсурдот:
Од изјавата на премиерот дадена денес во 14,00 часот, разбрав дека биле поднесени кривични пријави против 4 лица меѓу кои е и лидерот на опозицијата Зоран Заев поради постоење на основи на сомнение дека ги сториле кривичните дела шпионажа и насилство спрема претставници на највисоки државни органи.
Според премиерот, најголем грев што го направиле осомничените е тоа што соработувале со странски разузнавачки служби заради и прибирање податоци кои потоа би ги употребиле за политички цели против него и неговата власт. На премиерот очигледно не му е познат ноторниот факт дека соработката со странски разузнавачки служби заради прибирање на податоци за потребите на својата земја: на нејзината политика, наука, економија и сл. не е забранета. Дај боже да имаме колку што е можно повеќе вични разузнавачи, научници, професори, економисти, политичари и др, кои ќе воспостават повеќе контакти со претставници на странски разузнавачки служби (кои впрочем многу тешко се воспоставуваат) и да прибираат податоци кои би ги искористиле за потребите на македонската политика, наука и еконоимија. Со член 316, став 4, од Кривичниот законик, забрането е прибавување на тајни податоци и документи со намера тие да се соопштат или предадат на странска држава, странска организација или лице кое им служи. Како што произлегува од изјавата на премиерот, осомничените немале намера тие податоци да ги дадат ниту на странска држава, ниту на странска организација, ниту пак на лице кое им служи, туку, едноставно, да ги употребат во политичката борба против владеачката гарнитура на чие чело се наоѓа тој, заради нејзина замена со друга влада.
Премиерот, исто така, го губи од вид ноторниот факт дека со евентуалното заменување на неговата политичка гарнитура со некоја друга (техничка или политичка) не се руши уставниот поредок, туку само се менува владата. Уставниот поредок е утврден со Уставот и промената на владата не значи негово рушење. Тоа што наводно лидерот на опозицијата му се заканаувал дека податоците до кои што дошол ќе ги објави на граѓаните на Република Македонија, не е кривично дело. Нели, според член 2, став 1, од Уставот, во Република Македонија, суверентетот произлегува од граѓантие и им припаѓа на граѓаните. Според тоа, Република Македонија е држава на граѓаните, а не држава на премиерот и неговата владеачка гарнитура. Имајќи го ова во вид, граѓаните треба да знаат како работи нивната влада, па ако работи лошо и да ја сменат.
Премиерот очигледно е многу уплашен да не му се загрозат позициите, па го обвинува лидерот на опозицијата дека со наведената закана извршил насилство спрема него како претставник на највисок државен орган. Но, ноторен е фактот дека во една демократска држава во која власта им припаѓа на граѓаните тое не е насилство спрема претставник на највисок државен орган, туку извршување на со Уставот и законот загарантираното право на информирање на граѓаните (член 16, став 1 и 2 од Уставот).
Имајќи го ова во вид, му препорачувам на премиерот, да го искористи својот авторитет кај неговите органи за кривично гонење, тие да ја запрат постапката против осомничените за наведените кривични дела, бидејќи, барем спрема неговата изјава, не сториле никакво кривично дело, туку само го користеле своите демократско право на прибирање на информации до кои странските разузнавачки служби им овозможиле пристап (член 16, став 3 од Уставот) а за кои тој и самиот призна дека „некои од нив биле точни, некои делимично точни а некои и неточни“. Наместо да бидат кривично гонети, на нив за ова треба да им биде оддадено признание, бидејќи информациите до кои тие дошле, колку можеби се неповолни за власта, толку се и корисни. Од вистината не треба да се бега. На неа почива напредокот на овој свет. Затоа и најгорчливата вистина е подобра од најслатката заблуда.
Во врска со ова само ќе напоменам дека премиерот, на крајот од неговата изјава однапред ги обвини осомничените велејќи дека на сите прашања ќе оговорел во судска постапка против нив. Еден премиер треба да знее дека за да дојде до судска постапка против некое лице надлежниот јавен обивнител треба да поднесе обивнителен акт против него поради постоење на основано сомнение дека сторил одредено кривично дело.
Но, за волја на вистината, да го кажеме и тоа дека дури и тогаш лицето се смета за невино за казненото дело кое му се става на товар, се додека со правосилна судска пресуда не биде докажана неговата вина (презумпција на невиност- член 13, став 1 од Уставот).
И најпосле, уште една мала забелешка. Премиерот, при крајот на својата изјава, рече: „закани и уцени и вакви местенки не прифаќам“. Демократските лидери, во вакви случаи, не зборуваат во прво лице, бидејќи зборуваат во име на граѓаните, а не во свое име. Затоа тој требаше да каже “закани и уцени и вакви местенки не прифаќаме“. Но, морам да напоменам дека, во една демократска држава, опозицијата, во политичката комуникација со своите политички опоненти, има право да се служи и со закани, со уцени, па дури и со местенки, се разбира, базирани на вистинити факти. Според тоа, премиерот нема право да му замерува на лидерот на опозицијата за тоа што, според него, се послужил со закани, уцени и местенки.


